10. 2. 2010.

ШТО ЗНАЧИ ЗБОРОТ ГОТВЕЊЕ ?

Според мене готвење значи да знаеш секогаш да понудиш прилагодено Мени на приликата за која се подготвува јадењето и на парите што ги имаш во паричникот.
Во мојов блог сакам да ви понудам италијански економични рецепти кои ги подготвувам за моите блиски, да ви посочам практични, брзи и вкусни „Пјати ал италијана„/ Piatti all'italiana". Ќе ви сугерирам ефектни решенија за приликите за кои сте се оддлучиле да ги зготвите, од ручекот или вечерата за вашето потесното семејство, за гозбите со роднините, пријателите или колегите па се до оние прилики резервирани за интимни „тет а тет„ средби со вашата нова или стара љубов. При подготовката на овие италијански јадења нема да имате никакви изненадувања бидејќи сите рецепти лично се направени од мене, слатко изедени и одлично оценети од моето семејство и моите пријатели.
За почеток нека бидат оние рецепти што јас најчесто ги подготвувам и кои најмногу се сакани од мене и моите блиски, а можат лесно да се подготват од сите, па дури и од почетниците кои за првпат земаат во раце: тенџериња,тавчиња,мешалки, кутлачи(црпалки), ножеви итн.
Состојките кои јас ги употрбувам лесно можат да се најдат во подобро снабдените супермаркети, а зеленчукот и овошјето на пазарите и во специјализираните продавници за таа намена. Секој што ќе се оддлучи да ги зготви моиве италијански рецепти сигурна сум дека ќе знае да се снајде! Па тоа ни е во генот : Снајди се па живеј, а храната е живот!

5. 2. 2010.

MENU ITALIA


GENOVAGANDO / СКИТАЈЌИ НИЗ ЏЕНОВА

Еве ме мене со мојот нов пост! Би сакала да ви ја претставам Џенова, главен град на регионот Лигурија. Тука живеам скоро 8 години и тука ја засакав италијанската еногастрономија.
Во неколку редови ќе се обидам да ви го опишам овој убав приморски град. "Genova Superba" или Гордата Џенова како што ја нарекуваат џеновезите сe смета за порта, влез во Медитеранскиот базен. Се одликува со блага медитеранска клима со топли лета и благи зими, некои денови се со голема атмосферска влажност. Пролетта изобилува со врнежи од дожд, а во зима најниската темература не се симнува повеќе од 2 до 3 степени над нулата. Тоа што мене ми пречи од климата во овој убав италијански град е големиот обем од ветрови кои дуваат и се менуваат по неколку пати во денот, што е разбирливо со оглед дека Џенова излегува на море. Но, покрај морските ветрови се чуствуваат и оние од планините, бидејќи градот е опкружен со планински венец. Сите овие климатски услови придонесуваат Џенова да има богата и „луксузна природа„ (како што оценил англискиот поет Бајрон во своите белешки од патувањето низ Италија). Присутни се палми во сите варијанти и форми, морски борови и други листопадни и зимзелени дрвја непознати за нас континеталците, како на пример секогаш зеленото и мирисно дрво „Pitosforo" кое ја краси Џенова и Лигурија низ целата година. Убавината и пријатниот мирис од белите цветови на ова дрво ги разубавуваат пролетните денови на жителите и туристите во Џенова и Лигурија. Најубавиот годишен период тука е во април и мај создаден е за скитање низ сокаците и морските обали на оваа убавица.
Во средновековието Џенова како Венеција, Неапол и Дубровник била Град - Република. Затоа изобилува со волшебни монументи и траги од животот на богатите патриции и нивните поданици. Пристаниште "Porto Antico" е прекрасно со голема пешачка зона, со повеќе darseni/докови од каде запловуваат бродовите, со долг шеталиште/galata (галата) што води до Морскиот музеј (Galata Museo del Mare) и до Пристанишната станицаStazione Maritima"од каде запловуваат многу бродови за крстосување низ Медитеранот како и траектите. Тука е сместен и Аквариумот / Aquario (Акуарио) богат со многу преставници од подводниот морски свет, а како куриозитет се смета за еден меѓу најголемите во Европа.
Паралелно со Порто Антико се простира Стариот историски центар / Centro Storico (Чентро сторико), најголем по површина во Европа каде има тесни улици, сокаци, сокачиња со убави средновековни згради и споменици кои прават голема сенка во топлите лета. Архитектурата на Centro storico во суштина го оттсликува карактерот на неговите жители, затворен, недоверлив, но љубезен кон новодојдените.
Денеска во Centro Storico живеат микс од различни нации и се слушаат најразлични јазици: кинески, арапски, индиски, турски итн. Тука има богата понуда од различни гастрономски специјалитети како италијански така и од другите светски кујни.
Но, секакотоа што треба да се проба се автентичните лигуриски вкусни специјалитети : Focaccia / Фокача, Farinata/ Фарината, Frittura d'alici / Пржени рипчиња аличи, Olive Riviera e Taggiasche / Маслинки Ривиера и Таџаски, Pasta con pesto genovese / Паста со песто џеновезе, Pandolce / Пандолче / Слатко лепче итн.
Во Џенова како и целата Лигурија има многу нешта за посета и разгледување па затоа денешните, модерни туристи секогаш бараат лични, артикулирани посети на градот и околината, како што се вели „скроени по мерка„ за што се обраќат до туристички консултанти и локални асистенти кои зборуваат на мајчиниот јазик на посетителот или на англиски. Обично ваквите посети се изведувааат во групи од 4 до најмногу 6 посетители за да можат да се задоволат желбите и љубопитноста на секој поединец.
Ако се оддлучите да ја посетите Џенова и Лигурија кои ги нема во понудите на балканските туристички агенции, слободно можете да ми поставите прашања на: emili_vs@yahoo.it Ќе добиете брза возвратна информација. Скромно признавам дека добро го познавам овој град и регион.
Инаку, моја ГОЛЕМА ПАСИЈА е готвењето и чуствувам огромно задоволство кога заедно со моите сакани го јадеме со голем апетит тоа што сум го зготвила. Во мојот блог MENU ITALIA / МЕНИ ИТАЛИЈА ќе има многу рецепти и фотографии на специјалитети од италијанската традиционална и креативна кујна. За возврат, почитувани македонски блогери многу би сакала да ми испраќате рецепти од нашата вкусна македонска кујна која за жал, во ЕУ многу малку ја познаваат. Јас ќе се обидам да ги направам, да ги фотографирам и преведам на италијански јазик. Така ќе имаме постојана размена и соработка која сигурна сум дека ќе прерасне во блогерско, а зошто да не и во вистинско физичко пријателство.
Чаооооооо до следниот пост!




3. 2. 2010.

ВОВЕД
Здраво на сите македонци во Македонија и ширум светот! Од денеска имам мој блог и ве поканувам сите да го посетите. Од насловот на блогот насетувате за што ке пишувам. Но, сепак нема да биде само уште еден обичен блог за готвење храна. До скоро читање! Чао!