31. 1. 2011.

Чоколадна тортичка со меко срце

 Деновиве зимата си ги покажува забите, студи „кочан“ секаде во  Европа! И што има подобро од тоа во едно неделно зимско попладне да си бидеш дома, на топло со филџан кафе или чај и да јадеш  тазе десерт штотуку изваден од рерна?! Кога сум дома за време на викендите, имам обичај наследен од семејната традиција на моите родители да правам „благце„ за душа. Со оглед дека сум во фаза на губење на неколку килограми, десертот го прилагодив на мојата light исхрана: само еднаш неделно и во мала количина. Затоа, вчера направив десерт во „pocket„ издание! Едноставно,  употребив мали модли од силикон. Според нив, оваа чоколадна торта доби форма и име: „Чоколадно срце“! Многу лесно се прави но, потребно е да се обрне внимание при печењето.

Состојки за 6 мали „мафин“ модли:

- 100 г темна чоколада со голем % на какао
- 100 г. путер
- 2 јајца
- 80 г шеќер
- 40 г брашно

Модлите се мачкаат со путер во тенок слој. На оган, во тенџере се топат чоколадата и путерот со неколку лажици вода. Оваа смеса се разладува со постојано мешање додавајќи и ги јајцата, шеќерот и брашното. Резултатот треба да биде хомоген чоколаден крем со кој се полнат модлите до половина од висината. Се печат во загреана рерна на 200°C околу 10 минути, додека не се забележат првите пукнатини на површината. Нема да бидат недопечени напротив, внатре ќе бидат меки и со скоро течна чоколада во средината. Се служат веднаш придружени со топол чај, кафе, ликер, чаша вино....

п.с. Внимавајте, додека да се завртите се готови. Моите чоколадни срца  немаа течен чоколаден крем во средината бидејќи ги послужив со чаша зелен чај. Ги печев во рерна точно 15 минути. За да се добие течна чоколадна средина се пече само 10 минути.
Толку за денеска. Ова меко срце од чоколадо е створено да биде десерт при една романтична вечера...а, зошто да не биде и слатко изненадување на саканиот/ната за Сан Валентин?!
Срдечно, ваша Емили.

28. 1. 2011.

CREM CARAMEL - КРЕМ КАРАМЕЛ

Crème Caramel е француското

итернационаленo име за еден едноставен но, многу вкусен и "LIGHT" десерт чие потекло датира уште од стариот Рим. Заради шармот на францускиот „шик“ јазик и неговата доминација во дипломатијата, универзално се употребува името "Крем Карамел". Во земјите на Латинска Америка и во Шпанија уште е познат со името „flan“ а, во англосаксонските земји „сaramel custard”.

За овој десерт се потребни следниве состојки:

-  450 мл. млеко

-  150 мл пана (Слатка павлака)

-  4 јајца + 1 жолчка

-  ½ стека сушена ванила

-  120 г шеќер

Подготовка:

Рерната се вклучува на 180°C. Во тенџере се истура  млекото со половина стека ванила (или половина пакетче ванилен шеќер) и се става на оган полека да зоврие. Се трга од огнот и се остава на страна да се излади половина час. Потоа, тука се додава слатката павлака а стеката од ванила се елиминара. Со тенок млаз преку цедалка, полека со постојано мешање  се истура  смесата со млеко во мегувреме изматените јајца.

Се продолжува со топење на шеќерот во друго помало тенџере (со подебело дно), мешајќи постојано се додека не стане течен карамел.
Во овој момент истурете го течниот карамел во одбраните стампини (модли) кои можат да бидат повеќе помали или  една поголема распоредувајќи го по сета површина се додека не се излади и стврдне.
Потоа во овие модли се истура претходно добиена смеса со млеко . Модлите/та се ставаат во тава со врела вода која треба да достигне  1/3 од нивната висина и се покриваат со станиол хартија. Во загреаната рерна се става тавата со модлите да се варат во водата околу 50 минути. По изминатото време тавата се вади и се остава да се излади на собна температура. По неколку часа модлите можат да се стават  во фрижидер.
Се послужува на тој начин што се превртува во чинијата за десерт и се гарнира по желба со изматена слатка павлака, јагоди, банани, суво овошје: лешници, бадеми, ореви, искршени бисквити (јас употребив амарети) итн.
Мојот крем карамел (на фотографијата на почетокот од овој пост) имаше мала модификација но, затоа јас ви го давам оригиналниот рецепт. Немав време да  фотографирам бидејќи моите гости се најавија дека доаѓаат само неколку часа порано. Во недостаток од фотографии, овие што следат ги позајмив од италијанскиот веб сајт: „Жолт Шафран“.




26. 1. 2011.

Bistecca di maiale in salsa di paprika / Svinska kremenadla vo sos od paprika

               Добра, урамнотежена исхрана и активен стил на живеење се стратегија за добро здравје и долг живот. Тоа е моделот кој што нутриционистите го советуваат а, лугето на денешницата треба да го практикуваат. И во диета за слабеење треба да се практикува истиот модел при што се менува само квантитетот на намирниците и методите или техниките на готвење.
Диететските рецепти презентирани во овој блог се подготвуваат брзо, лесно, прилагодени се за сечиј паричник и најважно од се е што овозможуваат да се чуствувате во форма. 
Дитетска исхрана значи да се јаде храна со малку мрсно и малку шеќери. Така би се избегнало можното оштетување на  здравјето заради недостаток од хранливи елементи кои се неопходни за да бидеме енергични во извршувањето на секојдневните активности. Нема ниедна хранлива материја што ги содржи сите супстанциии потребни за нашата добра, општа здравствена состојба. Значи, според Медитеранската диета, базично правило за една коректна исхрана би било:  ДА СЕ ЈАДЕ ОД СЕ ПО МАЛКУ! Јас се придржувам кон оваа девиза и ја советувам секому да ја практикува.

Со оглед дека во овие зимски денови владее ИНФЛУЕНЦА (грип) која од мојот дом веќе е на заминување, диетските рецепти сепак морав да ги прилагодам на ваквата ургентна ситуација. Така, за неделниот ручек од пред некој ден подготвив свинска кременадла со сос направен од микс на паприка (македонски истолчен или мелен црвен пипер) и толчено луто пиперче и чешниња од лук. Навидум ова јадење не изгледа баш диетално но, такво го прави техниката со која е зготвено.
За 2 лица потребни се следните состојки:

- 2 свински кременадли
- 4 чешниња лук
- 1 л-ца масло
- ½ чаша бело вино
- сол
- ½ л-че паприка(црвен пипер)
- луто суво истолчено пиперче

Подготовка:
Во тефлонска тава со масло на „тивок оган“ се пржат до вцрвување, чешнињата од лук. Веднаш во маслото се ставаат и кременадлите и од страна се додава и виното. По испарувањето на алкохолот се истура уште малу млака вода во која се измешува паприката и лутото пиперче во прав. Се регулира со сол според вкус. Тавата се покрива со капак и се остава околу 50 мин на тивок оган да се вари (динста) се додека не испари водата. Резултатот ќе биде формираниот црвен сос.
Како прилог на ова „секондо„ јадење направив голема чинија со свежа салата која тука ја има и во зима а, вие понудите  кисела туршија, карактеристична за македонската кујна. Секако, за закрепнување на телото добро би дошло и малку црно вино! Добар апетит и на здравје!
Ваша Emily !

п.с. Бенефиции на лутото пиперче и лукот:
Луто пиперче: Има голем број на врсти на луто пиперче и сите ја содржат главната активна состојка КАПСИЧИНА, потоа различни соли, лецитин, есенцијално масло, флавоноиди и витамин Ц кој има најважна улога во одбраната од инферкции. Каписичина-та врши поголема секреција на дигестивните ензими, а тоа значи дека го стимулира подобро варењето на храната во желудникот. Истотака овозможува и поголема еластичност на крвните капилари.
Предупредување: Не треба да се јаде често и во поголема количина бидејќи има спротивен ефект.

Лукот ги има следните бенефиции: го стимулира функционирањето на имунитетот, помага во справувањето со бактерии, вируси и габи, го намалува крвниот притисок, ја прави крвта пофлуидна, добар е против запаленија, овозможува депурација на организмот, дури го покачува и сератонинот во мозокот кој помага во справувањето со стресот и депресијата.
Предупредување: И за лукот важи истото правило, т.е. не треба да се јаде често и во голема количина бидејќи има спротивен ефект.

19. 1. 2011.

Крем супа од праз и тиква / Zuppa di zucca e porri

                 Пред некој ден со еден  пријател дискутирав за тоа како во денешницава да се јаде квалитетно  кога се располага со малку време и со малку пари. Тој вели дека е неможно да се постигне рамнотежа меѓу овие две работи. Јас пак велам дека може ако се има желба и воља. Доволно ќе биде само да се земе и приготви тоа што природата обилно го дарува во текот на една сезона. Сезонскиот зеленчук и овошје се достапни на пазарите а, имаат и пристапни цени. Со нивното секојдневно користење јадеме подобро, помалку и го прочистуваме организмот. Консумирањето на зеленчук и овошје е базата на медитеранската диета со чии бенефиции добро сме запознати. Затоа, пријателот го поканив да го следи мојот блог и да се увери во можниот спој меѓу тенок паричник и малку слободно време за готвење.

Тип на јадење : Primo за 2-3 лица
Подготовка: 30 мин, економично
Состојки:
1 парче од тиква
2 компира
2 стека од праз
чешне лук
магдонос
масло
150 г грашок (посебно обарен)
спек или пршута (може но не мора)

Подготовка:
1. тиквата се лупи и сече на мали коцки
2. се чисти и ситно се сечка празот
3. се чисти и ситно сечка и лукот
4. Во длабок сад на тивок оган со 2 лажици масло се пржи празот, се додаваат и компирите исечени на мали коцки. Се добро се помешува и остава малку време да се испржи . Се додаваат и коцкичките од тиква. Се истура вода за да се покрие смесата, се зачинува по вкус со вегета во коцка или во прав и се вари 20 минути се додека состојките не се омакнат. На крај се поминува со блендерот и се додава обарениот грашок.
Крем супата се послужува топла со кростини од лепче (печено) и спек (пршута) исечен на ленти и испржен без масло во тефлонската тава. Магдоносот може да се стави во варењето (како мене) или исечкан да се пороси во чинијата при служењето на супата.


П.С. И ова "primo" јадење е претставник на медитеранската исхрана  и одлично се совпаѓа со мојата диета за губење на неколку килограми. Тиквата е зеленчук кој содржи вода и многу растителни влакна и следствено има многу малку калории. Препорачувам супата да се јаде за вечера, топла зашто згрева и заситува во долгите зимски вечери. Добар апетит!!!
Инаку, јас за вечера ќе правам КАЈГАНА од јајца со компири и брокула а, рецептот ќе го објавам утре.

17. 1. 2011.

Стек од пилешко месо и прилог од моркови

                  Деновиве во италијанскиве весници и пo интернет сајтовите читам, дека италијанците во просек покачиле од 2-4 кг во текот на изминатите празници. Јас не сум италијанка, но подготвувам и јадам јадења од италијанската кујна значи, ... нема бегање! Не е лесно да се изгубат килограми но, се вели дека диетата најнапред започнува во умот. Јас ја донесов оддлуката и почнав да ги следам сопствените сознанија како да стигнам до саканата тежина. Мојот модел за губење неколку килограми е едноставен: "light" исхрана, повеке аеробично движење и пиење на многу вода ( природна или газирана). Всушност, мојата исхрана не е изменета, јас продолжувам да се хранам „ала италијана“ само е изменет квантитетот и калоричната вредност на намирниците кои ги употребувам. Значи, при еден оброк употребувам: јагленохидрати т.е. инегрален леб (50-60 г) или паста (50-60 г) од интегрално брашно, некогаш мешункасти производи заедно со паста, или оброк од бело месо (70 г), риба и рибни производи зготвени со едноставни техники и со малку растително масло, многу свеж и обарен зеленчук зачинет со лимон, малку масло, малку сол, медитерански зачини и овошје. Како застапник на медитеранскиот тип на исхрана, разбирливо дека и мојот диетески начин на готвење ке биде прилагоден на италијанската кујна. Продолжувам со постирање на light рецепти се додека не ја постигнам саканата тежина и физичка форма.
Вчерашниот неделен, прекрасен сончев ден го поминав надвор од домот се до зајдисонце. По обилниот „бранч“ густиран во еден бар и потрошен во повеќе часовното пешачење, за вечера направив Стек од пилешко месо со прилог од обарени моркови. Овој пат за зготвеното да биде вкусно но, со помалку калории наместо вино употрбив пиво. Рецептот е многу практичен: се прави брзо, вкусен е и не чини многу пари.

Состојки за 1 лице (за секое „+“ дозата се зголемува):

- 70 г. пилешки стек (за маж од 100 –120 г)
- 100 г сварени беби моркови (или обични, на парчиња исечени моркови)
- 200 цл /чаша пиво (за 2 лица дозата е иста)
- 1 лажица (л-ца) масло (по лице)
- брашно
- зачини: сол, кари

Стекот се сече на поситни парчиња или кој како го преферира, може ако е подебел претходно да се истенчи со посебна алатка. Потоа се валка во брашно измешано со малку кари зачин. Во тефлонска тава, добро се загрева маслото во кое се пржи месото до вцрвување од двете страни и се полева со пиво. Алкохолот веднаш испарува но, останува водата во која всушност (малку време) се вари месото. Резултатот е добивање на кремаста обвивка околу пилешките парчиња кои стануваат сочни и кревки. Во оваа крема се додаваат и обарените моркови. Вака подготвениот пилешки стек се служи веднаш, додека е топол. Добар апетит!!!


Напомена: За да успее диетата за слабеење мора да постои и физичка активност со која ќе се горат вишокот калории, акумулирани и депозитирани во наслагите на нашето тело. На пр. едночасовна гиманстика 3 пати неделно или получасовно пешачење со брз чекор секој ден. Може секоја прилика да се користи за да се направи мала физичка активност: качување на скалите наместо да се користи лифт, симнување од градски автобус неколку постојки пред целта, станување почесто од столот пред компјутерот итн.



14. 1. 2011.

CREMA di PORRI - КРЕМ СУПА од ПРАЗ

          Завршија сите празникувања на новогодишните и верски празници (католички и православни). Некако неизбежно и срамежливо се погледнувам во огледало и ... и ги забележувам наслагите за кои секојдневно, станувам свесна при закопчувањето на алишта. И сега, што да се прави?! Треба да се донесе тешка одлука,  дали да се ставам на диета за слабеење или има уште време до летоска ?!
             Со оглед дека живеам во земја каде изгледот има многу важна улога во сите сфери на италијанското општество (дури и кога одиш да правиш интервју за вработување те прашуваат каков е твојот однос со исхраната) и постојано сме бомбардирани со информации дека одвишокот килограми е штетен за здравјето, донесов оддлука уште од денеска да се ставам на посебен диетски режим. Многу е полесно да се симнат неколкуте килограми во тек на еден подолг временски период без гладување, без оштетувања на организмот и без невротични испади кои би можеле да се случат при хипогликемијата (паѓање на шеќерот). Изгладнување со цел да се ослабне за покус временски период не се препорачува од лекарите и нутриционистите. Секако, за да ги изгубиме килограмите потребно е и да имаме и малку поголема физичка активност, значи спортување за помладите и тие кои физички така се чуствуваат или барем повеќе пешачење за помрзливите млади луѓе и постарите лица.
Значи, се до постигнувањето на сакана тежина и телесна форма  моите рецепти ке бидат light,  но вкусни и за око и за јадење ! Денешниов рецепт е многу едноставен, без сомневање вкусен и се прави за кусо време. Претставник е на т.н. МЕДИТЕРАНСКА ДИЕТА (медитерански начин на исхрана).
Состојките за 4 лица се следните:

- 3 стеки праз
- 3 средни компири
- 1 коцка вегетален зачин
- 1/2 чаша млеко
- 2 л-ци масло
- зачини: црн бибер, шафран во прав 0,15 г
- магдонос (според вкус)

Празот добро се мие, чисти и се сече поситно на мали кругчиња. Компирите се лупат и сечат на помали квадратчиња. Во тава со масло на тивок оган се пржи празот. Потоа се додаваат компирите и се измешуваат со празот кој треба да има стаклест изглед. Во тавата се дотура 3/4 од литар вода, коцката зачин и се вари се додека состојките во тавата не се омекнат. Пожелно е на крајот од варењето да се стави шафранот кој е добар антиоксиданс а, дава и поубава жолта боја на крем супата. Но, доколку го немате ќе биде вкусна и без него. Се става и мелен црн бибер (според вкус) и се добро се измешува. Потоа со блендер се ситни варената смеса и се добива густа крема. На крајот се додава пола чаша млеко (постепено) и се остава уште неколку минути на тивок оган еt Voilà ( и Вуола) крем супата е готова!
п.с. За да имам комплетен оброк од: јагленохидрати + протеини +зеленчук, јас испеков лепчиња, „парче-залче“ со малку рендан пармезан (или кашкавал) врз нив во рерна на грил опцијата. Но, внимавајте многу... веднаш можат да изгорат! Според желба, може да се додаде и сечкан магдонос при служењето на крем супата.




       Добар апетит и чао чао до следниот пост!  Ваша Emily

10. 1. 2011.

БОЖИЌНА ЅВЕЗДА

Здрaво! Можеби помисливте дека исчезнав и дека нема повеќе да пишувам... но еве, тука сум повторно! Ви должам извинување за долгата пауза што ја направив и не објавив нови постови. Но, така понекогаш ми се случува период на затишје и медитација, проникнување во длабочините на моето его и размислување за моето постоење, гледано од аспект на постојаното мутирање на околностите во земјата каде што живеам.
Влеговме во Новата 2011 година веке 10 дена. Во Италија на 6 ти јануари со Св. Епифанија, заврши последниот верски празник посветен на испраќањето на старата година претставена како старица што лета на метла, наречена Бефана. Завршува една недела порано празникувањето на Новогодишната нок, на Божиќ, на Св. Стефан. Италијанската католичка црква го користи грегоријанскиот календар за одбележување на верските празници додека македонската го користи стариот, јулијански календар и старата Нова година се испраќа една недела подоцна. Јас славам двојни верски празници, значи мојот дом новогодишно е украсен се до 13 ти јануари.
Денешниот рецепт е еден од моите празнични десерти кои го подготвив за Исусовото раѓање а, го нареков БОЖИЌНА ЅВЕЗДА. Всушност, ви давам рецепт само за филот кој го подготвив за мојот ПАНДОРО (златнoто лепче), што всушност е еден вид слатко лепче со специфична форма и тешко се подготвува во домашни услови. Затоа, италијанската прехрамбена индустрија и слаткарниците нудат широк избор на ПАНДОРО и ПАНЕТОНЕ, присутни во италијанските домови при прославата на Божиќните и Новогодишните празници. Овие колачи се многу калорични, бидејќи базата за нивата подготовка се путерот, брашното и шеќерот. Затоа најчесто се јадат само со шеќер во прав и со нив се пие вино спуманте или попознато како шампањ (французите први го измислиле овој метод за добивање на пенливо вино), со кое се наздравува точно на полнок на 31 декември. Но, оние кои се пасионирани со кујната и го сакаат правењето на слатки, со додавање на свој магичен допир ги филуваат и украсуваат. Така се добиваат свечени десерти погодни за оваа прилика.
Филот кој јас го направив и употребив за мојата Божиќната Ѕвезда е многу едноставен.
Состојки:
- 200 г темна чоколада (фонденте, со над 70% какао)
- 2 дл свежа слатка павлака
- пандоро
На оган во сад со топла вода ставив друг помал сад со рачка каде се топи искршеното чоколадо заедно со свежата слатка павлака. Оваа техника е посебно корисна кога се прават некои видови на крем, бидејќи не дозволува смесата премногу да се загрее , односно се вари постепено на еднаква температура. Кремот се остава да се излади. Во друг поголем сад полн со коцки од мраз се става тенџерето со изладениот крем и со маталките од миксерот се мати до згуснување.
Пандоро-то се сече хоризонтално и секоја ѕвезда се мачка со чоколадниот крем кој има повеќе изглед на т.н. МУС. Потоа, ѕвездите ги редев една врз друга и ја добив Божиќната ѕвезда со изглед на мала елка и ја поросив со малку шеќер во прав. На врвот ставив украси прикладни за оваа прилика.


Како што читате и гледата во секоја прилика приготвувам нешто вкусно за јадење при што се обидувам да употребам состојки со помали калорични вредности.
Сепак, полесно е во периодот што следи да се симнат само неколкуте килограми ставени во текот на зимските празници. Јас, воопшто не гладувам за да се вратам во форма, туку преку посебен и едноставен режим на исхрана, со вистински избор од продукти зготвени со едностана техника и со малку повеќе движење од типот брзо одење, пливање и лесни физички вежби успевам за неколку месеци да ги симнам оние неколку килца наталожени преку зимата на критичните делови од телото.