Приказивање постова са ознаком паста. Прикажи све постове
Приказивање постова са ознаком паста. Прикажи све постове

25. 9. 2010.

СОС ОД ПИПЕРКИ / PEPERONI SALSA

Оваа фотографија на порција од паста РИГАТОНИ со СОС од ПИПЕРКИ и црни Маслинки прво ја ставив на Face book страницата: Menu Italy и беше добро прифатена од македонските пријатели! Затоа сега ке ви го дадам и рецептот, кој мене ми го даде мајката на мојата љубов. Мислам дека црвени пиперки и црни маслинки ќе најдете и во Македонија во овој период кога се прави зимница и ајвар, а во Италија се наогаат на пазарните тезги во секое годишно доба.
Потребни состојки за 2-3 лица:

  • 4-6 црвени пиперки, зависи од големината

  • 1 жолта пиперка

  •  250 г  ригатони

  • 2 л-ци маслиново масло

  • 1/2 главица кромид, зависи од големината

  • 1 чешне лук

  • сол, црн бибер

  • 125 г кремасто сирење (може но немора)
Се печат пиперките во рерна на 200°C. Кога се печени од едната страна се вртат од другата за да се допечат. Се исклучува рерната и се оставаат да се изладат.Само кога ќе бидат потполно изладени се вадат од рерната, се лупат и чистат од семките, се сечат на парчиња.
На оган ја ставате пастата да се вари според упатството на кесата.  Продолжувате да го правите сосот.
Во тава со масло се пржи фино исечениот кромид, се додаваат излупените парчиња од пиперки, се добро се измешува  и се полива врз нив 1/2 чаша бело вино. Отткако ќе испари виното, се додаваат маслинките (исчистени од семката) и уште малку се остава на оган до исчезнување на поголем дел од течноста во тавата. Се додава сол и црн бибер според вкус.
Кремастото сирње заедно со дел од пиперките го миксате, додавате малку вода од варените ригатони и добивате еден вид крема од пиперки. Со кремата од пиперки и дел од останатите печени пиперки (ситно исечени) во длабока чинија ги мешате варените ригатони.
Ако не ставите кремасто сирење можете овој сос од парчиња пиперки и маслинки да го измешате со пастата ригатони (може и некој друг вид на паста), како што направив јас!
Се ренда и кашкавал (пармиџано) врз секоја порција од ригатони со пиперки, но не мора ако сакате да биде light..... et Voilà ( e вуола) паста ригатони е готова!
Овој сос е многу вкусен и створен за гурмани и обожаватели на ПАСТА. Можеби не е многу дигестивен и light.... но, за ручек може да биде доволна само една порција од 70-80 г. (за мажи може и 100-110 г)  паста со овој сос. Слаткиот и ароматичен вкус од ова јадење ќе ве натера да станете од масата со голема насмевка на лицето!!!:) Добар апетит!
Толку за денес,  до читање драг читателе! Чаоооооооооо!!!!

4. 3. 2010.

Pasta Italijana

Мммммм..........Паста Италијана / еден мал вовед!

Жителите на земјите кои излегуваат на Медитеранот, а посебно жителите на Апенинскиот полуостров се сметаат за долговечни луѓе и се на второ место на светската листа на долговечни нации, веднаш по јапoнците. Просечниот век на живеење во Италија е 85 години за жени и 78 за мажи. Тоа би бил еден мотив за сакање, а да не зборуваме за тоа колку многу италијанската кујна е вкусна и уникатна.
Италијанската Паста (тестенините) е базата на италијанската кујна и таа може да биде свежа и индусриска. Свежата паста во Италија се подготвува дома или во специјализираните занаетчиски работилници. Во Македонија, ако пастата не ја направите дома тогаш ке можете да ја купите онаа индустриската во некоја продавница или супермаркет.
Jас обожавам паста и ја подготвувам секој ден за ручек или за вечера. Свежа паста ретко правам сама. Најчесто ја купувам и ја готвам в сабота или в недела. Сега се прашувате, како ли ја готви пастата кога се знае како се прави, се става во вода и се вари на оган. Навистина не е голема филозофсака дилема за решавање, но и за варење на пастата има неколку правила кои италијанците ги сметаат за базични.
Прво, соодносот на паста : вода : сол треба секогаш да биде 1:1:1, или 100 г паста се вари во 1 л вода и со 1 лажиче сол кое се дотура во тенџерето штом зоврие водата и веднаш потоа се става пастата. Како се зголемува количината на паста така се наголемува количината вода и сол. Значи за 200 г паста, 2 л вода и 2 лажичиња сол, за 300 г : 3 л вода : 3 лажичиња итн.
Второ, времетраењето на процесот на варење на сувата и свежата паста е различен. За сувата индустриска паста потребно е повеќе време и обично е назначено на конфекциската обвивка од производителот на паста. За свежата паста вообичаеното време е многу покусо и се вели дека пастата е сварена кога излегува на површина на водата што врие.
Трето, при варење на сувата паста никогаш не се става масло во водата, додека во свежата понекогаш се става, зависно од тоа каков вид на паста се вари.
Четврто, можеби и најважно правило е тоа пастата да не се превари туку да се извади од зовриената вода во моментот кога е „Ал денте„. Тоа значи дека пастата е сварена тогаш кога може да се џвака како залак од леб, а не да биде преварена па да се голтне веднаш штом се стави во уста. Ова е многу важно за процесот на дигестација или варење на храната во желудникот. Желудечните киселини многу полесно ја топат храната ако таа претходно е добро изџвакана и издробена со забите.
Следна исто така многу важна фаза е сосот со кој са обвиткува пастата и кој во суштина го дава вкусот на варената топла или ладна паста. Сосови, салси, филови... навистина има многу, многу варијанти и при нивната подготовка доaѓа до израз креативноста на оној што ги прави. Креативноста е тајната на успехот на италијанската кујна во светски рамки. Генот на Да Винчи, Микеланџело и останатите уметници од италијанската ренесанса се наоѓа и кај малите, обични луѓе, уметници при готвењето на хранливите материи што ги даваат полињата, планините, шумите, реките и морињата на оваа прекрасна земја.
Поздрав до следното читање!
П.С. Фотографијата е: Шпагети со мали шери домати .