Приказивање постова са ознаком компири. Прикажи све постове
Приказивање постова са ознаком компири. Прикажи све постове

6. 3. 2011.

Октопод на Лигуриски начин - Polpo alla Ligure



Аххх ... Лигурија, Џенова, Санта Маргарита, Портофино ... толку прекрасни места со безвременска убавина. Не може да се опише ... само треба да се посети и да се види убавината на природата и архитектурата. Но, затоа може да се вкуси нешто од традиционалната лигуриска кујна, толку многу едноставна но со инзвонредна рамнотежа меѓу плодовите од родната земја и морето.
На блогот досега постирав само еден специјалитет од кујната на прекрасната Лигурија, поточно од Џенова: „Трофие со песто џеновезе“ но денеска постирам и едно „секондо“, типично за лигуриската кујна: „Полпо ала лигуре“ или „Октопод на лигуриски начин“.

Подготовка: лесна – за 4 лица / 395 кал од порција
Состојки:
- октопод од 1 кг свез или замрзнат (или 2-3 помали)
- 700 г компири
- 100 г маслинки црни (со извадена семка)
- 1 чешне лук
- 1 сноп магдонос
- 1 лимон
- е.в.о маслиново масло
- сол и ц.бибер
Компирите се мијат и лупат. На оган се става подлабоко тенџере полно со малку солена вода во која го ставате октоподот (претходно целосно одмрзнат). По 10 минути од варењето се ставаат излупените компири. Се вари уште 35 - 40 минути. Октоподот и компирите се вадат од врелата вода, малку се ладат и се сечат на парчиња. Сите парчиња заедно се ставаат во подлабока сад за послужување. Маслинките се сечкаат и тие се додаваат во садот со парчињата од октопод и компири и се измешуваат. Се додава и измиениот и исушен магдонос исечкан заедно со чешнето лук заради арома се зачинува со 5 лажици масло, сол, малку свежо мелен црн бибер и сок од лимон. Добро се измешува и се служи топло или пак ладно во лето.
Овој специјалитет припаѓа на групата „секонди“ а, за пиење се служи бело или розе вино со овошна нота.


4. 3. 2011.

Кајгана со компир и зеленчук „Ала италиана“

Една недела помина отткако се хранам со Light јадења „alla italiana“ и го практикувам сопствениот рецепт за слабеење. Верувале или не ... но, веќе изгубив половина килограм. Воопшто не гладувам и сосем нормално ги изведувам секојдневните активности.
Нема магија во мојот рецепт а, тој е следниот:
- јадам помалку (20 % помал внес на калории)
- го прочистувам организмот со пиење вода (по 2 л во 24 часа)
- избегнувам стрвост
- имам поголема физичка активност (3 пати неделно пливам или секојдневно пешачам по 1/2 час, со брз чеко ).
Сепак, има една мала тајна за успех а, таа е да имаш поддршка и солидарност од домашните. За срека со мене се солидализираат и ги јадат моите light готварии. На овој начин сум максимално мотивирана тие да бидат вкусни, да имаат убава арома и да бидат привлечни за око.
Еве го денешниот Light рецепт:

КАЈГАНА СО КОМПИР И ЗЕЛЕНЧУК „АЛА ИТАЛИЈАНА“
Состојки за 2 лица:

- 3 или 4 јајца (во зависност од нивната големина)
- 400 г компири
- 3 л-ци пармиџано (ситно рендан пармезан или др.вид на потврд кашкавал)
- ½ лажица масло (само ако тавата е тефлон)
- сол, рузмарин и мајчина душичка
- зеленчук по желба (претходно сварен)

Компирите се чистат и сечат на тркала со дебелина од половина центиметар. Се загрева рерната на 200°C. Јајцата се матат како за кајгана и во нив се додава малку сол, сушен рузмарин и мајчина душичка. Тефлонската тава се мачка со масло. Ако се употреби друга тава, советувам да се обложи со хартија за печење. Се редат компирите и врз нив се поросува ренданото пармиџано, потоа се реди втор слој од компири и повторно се поросува пармиџано. Се реди обарениот зеленчук и се истураат изматените јајца внимавајќи да се потполнат празнините меѓу круговите од компири. Тавата се става во загреана рерна на 200°C, околу 10 минути а, потоа температурата се намалува на 170°C. Но, секоја домакинка ја познава рерната од својот шпорет и затоа сама треба да ја регулира температура. Се пече уште 20 до 25 минути. Кајганата се јаде топла а, како прилог се послужува и салата.
За оброкот да биде комплетен според Медитеранската диета треба е да се додадат уште 30 г интегрален леб (печен во сеуште топлата рерна или во тостер).





























19. 1. 2011.

Крем супа од праз и тиква / Zuppa di zucca e porri

                 Пред некој ден со еден  пријател дискутирав за тоа како во денешницава да се јаде квалитетно  кога се располага со малку време и со малку пари. Тој вели дека е неможно да се постигне рамнотежа меѓу овие две работи. Јас пак велам дека може ако се има желба и воља. Доволно ќе биде само да се земе и приготви тоа што природата обилно го дарува во текот на една сезона. Сезонскиот зеленчук и овошје се достапни на пазарите а, имаат и пристапни цени. Со нивното секојдневно користење јадеме подобро, помалку и го прочистуваме организмот. Консумирањето на зеленчук и овошје е базата на медитеранската диета со чии бенефиции добро сме запознати. Затоа, пријателот го поканив да го следи мојот блог и да се увери во можниот спој меѓу тенок паричник и малку слободно време за готвење.

Тип на јадење : Primo за 2-3 лица
Подготовка: 30 мин, економично
Состојки:
1 парче од тиква
2 компира
2 стека од праз
чешне лук
магдонос
масло
150 г грашок (посебно обарен)
спек или пршута (може но не мора)

Подготовка:
1. тиквата се лупи и сече на мали коцки
2. се чисти и ситно се сечка празот
3. се чисти и ситно сечка и лукот
4. Во длабок сад на тивок оган со 2 лажици масло се пржи празот, се додаваат и компирите исечени на мали коцки. Се добро се помешува и остава малку време да се испржи . Се додаваат и коцкичките од тиква. Се истура вода за да се покрие смесата, се зачинува по вкус со вегета во коцка или во прав и се вари 20 минути се додека состојките не се омакнат. На крај се поминува со блендерот и се додава обарениот грашок.
Крем супата се послужува топла со кростини од лепче (печено) и спек (пршута) исечен на ленти и испржен без масло во тефлонската тава. Магдоносот може да се стави во варењето (како мене) или исечкан да се пороси во чинијата при служењето на супата.


П.С. И ова "primo" јадење е претставник на медитеранската исхрана  и одлично се совпаѓа со мојата диета за губење на неколку килограми. Тиквата е зеленчук кој содржи вода и многу растителни влакна и следствено има многу малку калории. Препорачувам супата да се јаде за вечера, топла зашто згрева и заситува во долгите зимски вечери. Добар апетит!!!
Инаку, јас за вечера ќе правам КАЈГАНА од јајца со компири и брокула а, рецептот ќе го објавам утре.

14. 1. 2011.

CREMA di PORRI - КРЕМ СУПА од ПРАЗ

          Завршија сите празникувања на новогодишните и верски празници (католички и православни). Некако неизбежно и срамежливо се погледнувам во огледало и ... и ги забележувам наслагите за кои секојдневно, станувам свесна при закопчувањето на алишта. И сега, што да се прави?! Треба да се донесе тешка одлука,  дали да се ставам на диета за слабеење или има уште време до летоска ?!
             Со оглед дека живеам во земја каде изгледот има многу важна улога во сите сфери на италијанското општество (дури и кога одиш да правиш интервју за вработување те прашуваат каков е твојот однос со исхраната) и постојано сме бомбардирани со информации дека одвишокот килограми е штетен за здравјето, донесов оддлука уште од денеска да се ставам на посебен диетски режим. Многу е полесно да се симнат неколкуте килограми во тек на еден подолг временски период без гладување, без оштетувања на организмот и без невротични испади кои би можеле да се случат при хипогликемијата (паѓање на шеќерот). Изгладнување со цел да се ослабне за покус временски период не се препорачува од лекарите и нутриционистите. Секако, за да ги изгубиме килограмите потребно е и да имаме и малку поголема физичка активност, значи спортување за помладите и тие кои физички така се чуствуваат или барем повеќе пешачење за помрзливите млади луѓе и постарите лица.
Значи, се до постигнувањето на сакана тежина и телесна форма  моите рецепти ке бидат light,  но вкусни и за око и за јадење ! Денешниов рецепт е многу едноставен, без сомневање вкусен и се прави за кусо време. Претставник е на т.н. МЕДИТЕРАНСКА ДИЕТА (медитерански начин на исхрана).
Состојките за 4 лица се следните:

- 3 стеки праз
- 3 средни компири
- 1 коцка вегетален зачин
- 1/2 чаша млеко
- 2 л-ци масло
- зачини: црн бибер, шафран во прав 0,15 г
- магдонос (според вкус)

Празот добро се мие, чисти и се сече поситно на мали кругчиња. Компирите се лупат и сечат на помали квадратчиња. Во тава со масло на тивок оган се пржи празот. Потоа се додаваат компирите и се измешуваат со празот кој треба да има стаклест изглед. Во тавата се дотура 3/4 од литар вода, коцката зачин и се вари се додека состојките во тавата не се омекнат. Пожелно е на крајот од варењето да се стави шафранот кој е добар антиоксиданс а, дава и поубава жолта боја на крем супата. Но, доколку го немате ќе биде вкусна и без него. Се става и мелен црн бибер (според вкус) и се добро се измешува. Потоа со блендер се ситни варената смеса и се добива густа крема. На крајот се додава пола чаша млеко (постепено) и се остава уште неколку минути на тивок оган еt Voilà ( и Вуола) крем супата е готова!
п.с. За да имам комплетен оброк од: јагленохидрати + протеини +зеленчук, јас испеков лепчиња, „парче-залче“ со малку рендан пармезан (или кашкавал) врз нив во рерна на грил опцијата. Но, внимавајте многу... веднаш можат да изгорат! Според желба, може да се додаде и сечкан магдонос при служењето на крем супата.




       Добар апетит и чао чао до следниот пост!  Ваша Emily

7. 9. 2010.

Caprese a modo mio / Моја Капрезе и Scaloppine allattate / Млечни пилешки скалопини

Ме нема,... ме нема и еве денеска ви предложувам 2 летни италијански рецепти кои се прават брзо, не се многу калорични а, се вкусни и се припадници на т.н. здрава храна или Helth food. Овие јадења можете ги послужите како предјадење, (antipasto/антипасто) : CAPRESE / Капрезе, како салата / insalata и второ јадење,(secondo/секондо): Млечен пилешки стек. А, секако во лето кога е жешко можат да бидат изедени и засебно, како единствено јадење со лебче, крекери, солени кифли ...

Првиот рецепт нека биде популарната „CAPRESE al modo mio" / Капрезе на мој начин!
За оригиналната Капрезе ви се потребни : 1 или 2 домати / помодори, 2) моцарела / mozzarela и 3) Басилок / Basilico (оној со јадри листови).
За мојата Капрезе употребив Рукола / Rucola место Босилок. И двата вида на травки се со јак миризлив интензитет, само во прашање е вкусот кој што го преферирате! Јас искрено ги обожавам и двата типа!  Но, ви препорачувам сепак да употребите босилок, како во оргиналниот рецепт. Јас, дома имав само рукола кога ја правев Мојата Капрезе.
Моцарелата ја сечете на потeнки листови, доматите исто така на тeнки кругови (попреку по нивната ширина) и ги редите во чинијата алтернативно: моцарела, домат, босилок (рукола). Зачинувате само со сол, свежо мелен црн бибер и маслиново масло!

Тука запирам со пишувањето, но ќе продолжам попладне!...A, вие можете да го дочитате овој пост во некоја наредна прилика! Чаоооооо! Ciaoooo!

Од тука продолжува вториот рецепт: Млечен Пилешки Стек / Scaloppine di pollo al latte.
За жал немам фотки од текот на подготовката на ова јадење но, едноставно е и лесно може да се направи. Ставам фотки од крајниот дел, сервирано за јадење.

Состојки за 3-4 лица:  300г. пилешки гради тенко исечени на фети / scaloppini, 1 чаша млеко ( од 200/250 мл), брашно, маслиново масло, лукче, рузмарин.  
Ги набрашнувате фетите од пиле и ги оставате да се пржат во тава со маслиново масло до вцрвување од двете страни. 

Во меѓувреме млади или стари компири ги лупите и сечете (моја препорака е да бидат исечени поситно) и ги ставате во тава за печење во рерна. Истурате врз нив маслиново масло, ги протривате со раце и ги израмнувате во тавата. Јас во тавата ставам и некое чешне лук со неговата лушпа и малку рузмарин (свеж или сушен), но доколку не ги сакате јаките миризи на зачините може и без нив. Тавата ја ставате во загреана рерна (на висока t°C) и ги печете се додека компирите не бидат добро црвени а, некои и малку изгорени. Се посолуваат по вкус, веднаш по вадењето од рерна.

Кога пилешките стекови добро се зацрвенети, ги посолувате (пожелба ставате и црн бибер) и дотурате 1 чаша млеко. Го оставате млекото малку да испари, но не целосно, а ако е потребно дотурате и малку вода за на крај да добиете повеке сос. Во пилешките скалопини (стекови) наместо вода, можете да ставите зачинетата вода (вода со популарно речено: вегета) во која се варел некој зеленчук како: грашок, тиквички, печурки, аспарагус... и секако се додава и сварениот зеленчук! На тој начин млечните пилешки стекови стануваат еден комплетен оброк и нема потреба од компири како прилог = contorno/конторно.
Со овој начин на подготовка, пилешките гради стануваат многу кревки и меки за јадење и посебно се погодни за малите дечиња.
Пилешки стек мариниран во млеко и печен во рерна

Млечен пилешки стек со тиквички