15. 3. 2011.

Паста со крема од сушени домати


Пастата е типично италијанско јадење и е кралица на Медитеранската исхраната. Вкусно е за на око како и за непцето и многу заситува. Пастата е одлична замена за лебот и стомакот се заситува побрзо со помала количина од неа. Италијанците имаа навика сосот во чинијата со паста да си го измакаат со лепчето кое неизбежно е присутно на трпезата.
Нутриционистите препорачуваат порцијата од паста за ручек или вечера речиси секогаш да биде дополнета со некаква свежа салата. 
Денешниот рецепт на блогов е:

Паста со крема од сушени домати

Незнам како можев досега да не пробам исушени домати и како можев да живеам без нивниот слатко-киселкав вкус. Кога бев малечко девојче во текот на летниот период  се сушеа домати во некои дворови на моето маало и знаев дека домаќинките тоа го правет како начин на конзервирање на доматите за зимница но, искрено потполно сум го изумила. Во италијанските супермаркети пронајдов сушени домати ставени во тегличка и зачинети со сончогледово масло и некои медитерански зачини, а рецептот го земав од една книга со наслов „Зготви и изеди“. Ова песто кое  брзо и едноставно се пртвора во крема многу лесно се подготвува и подолго време може да потрае во фрижидер. Сушените домати го заробуваат витаминот Ц во фазата на сушење на сонце и се одлична замена за свежите домати во есен, зима или пролет.

Состојките за денешниот рецепт се следните:
      -         една тегла сушени домати (180 г)
-         грст од пиноли (преведено од Гугл како борови ореви)
-         пармезан ситно рендан
-         луто суво толчено пиперче
-         магдонос или босилок
-         пармезан јадро рендан за декорација
-         сол

Подготовка:

Во кутијата со кутер од миксерот, се става целата содржина од тегличката заедно со пинолите и пармезанот и се миксаат се додека не се добие густа смеса натречена песто. Повторно се враќа во теглата и се покрива со масло и така конзервирано може да стои во фрижидер до 3 недели.
Доколку се прави пестото од домати во периодот пред ручек го оставате настрана продолжувајќи со варење на пастата во тенџере со вода и сол. Додека пастата се вари, ставате во една тава одредена количина од песто и малку вода од шпагетите што се варат, лутото толчено пиперче и го разредувате и топлите  правејќи го како крема. Кога пастата е варена, ја процедувате и додавате во тавата со кремата од сушени домати, измешувате и сервирате во чиниите. За декорација може јадро или ситно да се изренда уште малку пармезан, наросувате сечкан магдонос или босилок и Вуола ( Voilà ) пастата е готова. Добар апетит!!!

6. 3. 2011.

Октопод на Лигуриски начин - Polpo alla Ligure



Аххх ... Лигурија, Џенова, Санта Маргарита, Портофино ... толку прекрасни места со безвременска убавина. Не може да се опише ... само треба да се посети и да се види убавината на природата и архитектурата. Но, затоа може да се вкуси нешто од традиционалната лигуриска кујна, толку многу едноставна но со инзвонредна рамнотежа меѓу плодовите од родната земја и морето.
На блогот досега постирав само еден специјалитет од кујната на прекрасната Лигурија, поточно од Џенова: „Трофие со песто џеновезе“ но денеска постирам и едно „секондо“, типично за лигуриската кујна: „Полпо ала лигуре“ или „Октопод на лигуриски начин“.

Подготовка: лесна – за 4 лица / 395 кал од порција
Состојки:
- октопод од 1 кг свез или замрзнат (или 2-3 помали)
- 700 г компири
- 100 г маслинки црни (со извадена семка)
- 1 чешне лук
- 1 сноп магдонос
- 1 лимон
- е.в.о маслиново масло
- сол и ц.бибер
Компирите се мијат и лупат. На оган се става подлабоко тенџере полно со малку солена вода во која го ставате октоподот (претходно целосно одмрзнат). По 10 минути од варењето се ставаат излупените компири. Се вари уште 35 - 40 минути. Октоподот и компирите се вадат од врелата вода, малку се ладат и се сечат на парчиња. Сите парчиња заедно се ставаат во подлабока сад за послужување. Маслинките се сечкаат и тие се додаваат во садот со парчињата од октопод и компири и се измешуваат. Се додава и измиениот и исушен магдонос исечкан заедно со чешнето лук заради арома се зачинува со 5 лажици масло, сол, малку свежо мелен црн бибер и сок од лимон. Добро се измешува и се служи топло или пак ладно во лето.
Овој специјалитет припаѓа на групата „секонди“ а, за пиење се служи бело или розе вино со овошна нота.


4. 3. 2011.

Кајгана со компир и зеленчук „Ала италиана“

Една недела помина отткако се хранам со Light јадења „alla italiana“ и го практикувам сопствениот рецепт за слабеење. Верувале или не ... но, веќе изгубив половина килограм. Воопшто не гладувам и сосем нормално ги изведувам секојдневните активности.
Нема магија во мојот рецепт а, тој е следниот:
- јадам помалку (20 % помал внес на калории)
- го прочистувам организмот со пиење вода (по 2 л во 24 часа)
- избегнувам стрвост
- имам поголема физичка активност (3 пати неделно пливам или секојдневно пешачам по 1/2 час, со брз чеко ).
Сепак, има една мала тајна за успех а, таа е да имаш поддршка и солидарност од домашните. За срека со мене се солидализираат и ги јадат моите light готварии. На овој начин сум максимално мотивирана тие да бидат вкусни, да имаат убава арома и да бидат привлечни за око.
Еве го денешниот Light рецепт:

КАЈГАНА СО КОМПИР И ЗЕЛЕНЧУК „АЛА ИТАЛИЈАНА“
Состојки за 2 лица:

- 3 или 4 јајца (во зависност од нивната големина)
- 400 г компири
- 3 л-ци пармиџано (ситно рендан пармезан или др.вид на потврд кашкавал)
- ½ лажица масло (само ако тавата е тефлон)
- сол, рузмарин и мајчина душичка
- зеленчук по желба (претходно сварен)

Компирите се чистат и сечат на тркала со дебелина од половина центиметар. Се загрева рерната на 200°C. Јајцата се матат како за кајгана и во нив се додава малку сол, сушен рузмарин и мајчина душичка. Тефлонската тава се мачка со масло. Ако се употреби друга тава, советувам да се обложи со хартија за печење. Се редат компирите и врз нив се поросува ренданото пармиџано, потоа се реди втор слој од компири и повторно се поросува пармиџано. Се реди обарениот зеленчук и се истураат изматените јајца внимавајќи да се потполнат празнините меѓу круговите од компири. Тавата се става во загреана рерна на 200°C, околу 10 минути а, потоа температурата се намалува на 170°C. Но, секоја домакинка ја познава рерната од својот шпорет и затоа сама треба да ја регулира температура. Се пече уште 20 до 25 минути. Кајганата се јаде топла а, како прилог се послужува и салата.
За оброкот да биде комплетен според Медитеранската диета треба е да се додадат уште 30 г интегрален леб (печен во сеуште топлата рерна или во тостер).





























3. 3. 2011.

Пудинг со чоколаден крем



За 4-6 лица
Силиконски калап за пудинг

Состојки
500 мл млеко
150 гр свежа крем павлака/пана
12 гр на желатински ленти
150 гр шеќер
70 g крем од лешник

Подготовка
Во сад се топли млекото со шеќерот. Се трга на страна од топлината и во него се раствора веќе омекнатиот желатин во ладна вода. Промешајте и додадете го кремот од лешник и оставете нека се излади.
Штом смесата ќе почне да се згуснува со миксер изматете ја свежата крем павлака. Ставете ја во смесата мешајќи внимателно. Истурете ја смесата во силиконскиот калап и оставете го пудингот најмалку 6 часови во фрижидер.
Декорирајте со т.н. лушпи од чоколада и лешници.
Ова е оригиналниот рецепт за пудинг со крем од лешници.
Наместо крем од лешник можете да користите чоколаден крем како што го направив јас за пудингот на сликата кој има изглед на „чиз кејк“ (cheese cake) . Калапот беше малку поголем и затоа додадов еден слој бисквити „пишкоти“ малку натопени во кафе. За декорација го поросив со лушпи од чоколадо и бадеми.

2. 3. 2011.

Прженици ала Џенова

Овие се типични  прженици што се прават во Џенова и кои можат да се прават во солена или слатка варијанта ако се направи замена на сол со шеќер.

Состојки:

- 1 /2 кг брашно
- 2 жолчки од јајце
- Сол (по вкус)
- квасец 1 пакетче
- масло

Измешајте брашно со вода се додека не се добие амалгам од тесто што ќе биде „доволно„ течно.
Тестото го подготвувате неколку часа пред времето за пржење.
Го ставате маслото да се згрева и во тестото додавате малку сол,  пакетче квасец и две жолчки од јајце.

Добро промешајте и почнете да ставате една по една лажица во маслото. 

Прженициве многу се вкусни но, истотака се и многу мрсни и брзо заситуваат. Можеби затоа најчесто се подготвуваат на народните собирања, саеми и празници.
Препорака: За 2-3 члена доволна е половина доза од напишанава. 

Пржениците треба да добијат заруменета боја од двете страни и со лажица со дупки или пинцета се вадат од маслото и се ставаат на кујнска хартија која што го впива мрсно. Се посолуваат и сервираат топли.

1. 3. 2011.

Лигуриски лаги

Во Италија „Карневалот„ е највеселата паганска манифестација на годината. Најмногу е очекувана од децата кои маскирани шетаат по градските улици но, има и многу карневалски вечери за возрасните кога можат трансгресивно да се облечат. Карневалските меанифестации ги обојуваат и развеселуваат улиците на италијанските градови. Секоја шега направена за време на карневалот е добредојдена и се чувствува забава насекаде во деновите на оваа манифестација.
Главни протагонисти за време на карневалот се Италијанските десерти и тоа оние пржените. Сите горе долу се направени од исти состојки, но имаат различни имиња во зависност од регионот . Во Ломбардија се познати како „муабети“, во Тоскана „партали„ , во Лигурија „лаги“ , „замрзнатини“ во Емилиа, „кростоли“ во Тренто ... Па , ете убава идеја сите да се фатиме за тавата и да правиме пржени италијански слатки ... и Добар Карневал на сите!!!

Состојки
- Брашно 350 g.
- Јајца 2
- Путер 50 g.
- 3 лажици шеќер
- Рендана кора од 1 лимон
- Млекото 1 чаша (за замесувањe)
- Масло за пржење
- Шеќер во прав
- Сол

Ставете го брашното со малку сол врз масата, направете кратер, во центарот ставете го шеќерот, јајцата, путерот и полека мешате со млеко. Работите полека врз тестото и додавајте брашно според потреба, месите се додека не добиете убава мазна и сјајна топката. Оставете ја топката од тесто да стои околу 1 час покриено со крпа за садови. Потоа израмните го тестото со сукалка додека не добиете тенка кора. Со сечалката со запци кората се сече за да се добијат подолги ленти со ширина од 3 до 4 см . Потоа, лентите се сечат на помали парчиња долги околу десеттина сантиметри во кои се прави рез во средината. Пржете ги парчињата во врело масло се додека не добијат светло кафена боја и треба да бидат крцкави. Испрежените лаги ги ставате на хартиена крпа за да се отстрани вишокот на масло.
Посипете со шеќер во прав и тоа е се за лагите. Се сервираат топли или ладни.

31. 1. 2011.

Чоколадна тортичка со меко срце

 Деновиве зимата си ги покажува забите, студи „кочан“ секаде во  Европа! И што има подобро од тоа во едно неделно зимско попладне да си бидеш дома, на топло со филџан кафе или чај и да јадеш  тазе десерт штотуку изваден од рерна?! Кога сум дома за време на викендите, имам обичај наследен од семејната традиција на моите родители да правам „благце„ за душа. Со оглед дека сум во фаза на губење на неколку килограми, десертот го прилагодив на мојата light исхрана: само еднаш неделно и во мала количина. Затоа, вчера направив десерт во „pocket„ издание! Едноставно,  употребив мали модли од силикон. Според нив, оваа чоколадна торта доби форма и име: „Чоколадно срце“! Многу лесно се прави но, потребно е да се обрне внимание при печењето.

Состојки за 6 мали „мафин“ модли:

- 100 г темна чоколада со голем % на какао
- 100 г. путер
- 2 јајца
- 80 г шеќер
- 40 г брашно

Модлите се мачкаат со путер во тенок слој. На оган, во тенџере се топат чоколадата и путерот со неколку лажици вода. Оваа смеса се разладува со постојано мешање додавајќи и ги јајцата, шеќерот и брашното. Резултатот треба да биде хомоген чоколаден крем со кој се полнат модлите до половина од висината. Се печат во загреана рерна на 200°C околу 10 минути, додека не се забележат првите пукнатини на површината. Нема да бидат недопечени напротив, внатре ќе бидат меки и со скоро течна чоколада во средината. Се служат веднаш придружени со топол чај, кафе, ликер, чаша вино....

п.с. Внимавајте, додека да се завртите се готови. Моите чоколадни срца  немаа течен чоколаден крем во средината бидејќи ги послужив со чаша зелен чај. Ги печев во рерна точно 15 минути. За да се добие течна чоколадна средина се пече само 10 минути.
Толку за денеска. Ова меко срце од чоколадо е створено да биде десерт при една романтична вечера...а, зошто да не биде и слатко изненадување на саканиот/ната за Сан Валентин?!
Срдечно, ваша Емили.

28. 1. 2011.

CREM CARAMEL - КРЕМ КАРАМЕЛ

Crème Caramel е француското

итернационаленo име за еден едноставен но, многу вкусен и "LIGHT" десерт чие потекло датира уште од стариот Рим. Заради шармот на францускиот „шик“ јазик и неговата доминација во дипломатијата, универзално се употребува името "Крем Карамел". Во земјите на Латинска Америка и во Шпанија уште е познат со името „flan“ а, во англосаксонските земји „сaramel custard”.

За овој десерт се потребни следниве состојки:

-  450 мл. млеко

-  150 мл пана (Слатка павлака)

-  4 јајца + 1 жолчка

-  ½ стека сушена ванила

-  120 г шеќер

Подготовка:

Рерната се вклучува на 180°C. Во тенџере се истура  млекото со половина стека ванила (или половина пакетче ванилен шеќер) и се става на оган полека да зоврие. Се трга од огнот и се остава на страна да се излади половина час. Потоа, тука се додава слатката павлака а стеката од ванила се елиминара. Со тенок млаз преку цедалка, полека со постојано мешање  се истура  смесата со млеко во мегувреме изматените јајца.

Се продолжува со топење на шеќерот во друго помало тенџере (со подебело дно), мешајќи постојано се додека не стане течен карамел.
Во овој момент истурете го течниот карамел во одбраните стампини (модли) кои можат да бидат повеќе помали или  една поголема распоредувајќи го по сета површина се додека не се излади и стврдне.
Потоа во овие модли се истура претходно добиена смеса со млеко . Модлите/та се ставаат во тава со врела вода која треба да достигне  1/3 од нивната висина и се покриваат со станиол хартија. Во загреаната рерна се става тавата со модлите да се варат во водата околу 50 минути. По изминатото време тавата се вади и се остава да се излади на собна температура. По неколку часа модлите можат да се стават  во фрижидер.
Се послужува на тој начин што се превртува во чинијата за десерт и се гарнира по желба со изматена слатка павлака, јагоди, банани, суво овошје: лешници, бадеми, ореви, искршени бисквити (јас употребив амарети) итн.
Мојот крем карамел (на фотографијата на почетокот од овој пост) имаше мала модификација но, затоа јас ви го давам оригиналниот рецепт. Немав време да  фотографирам бидејќи моите гости се најавија дека доаѓаат само неколку часа порано. Во недостаток од фотографии, овие што следат ги позајмив од италијанскиот веб сајт: „Жолт Шафран“.




26. 1. 2011.

Bistecca di maiale in salsa di paprika / Svinska kremenadla vo sos od paprika

               Добра, урамнотежена исхрана и активен стил на живеење се стратегија за добро здравје и долг живот. Тоа е моделот кој што нутриционистите го советуваат а, лугето на денешницата треба да го практикуваат. И во диета за слабеење треба да се практикува истиот модел при што се менува само квантитетот на намирниците и методите или техниките на готвење.
Диететските рецепти презентирани во овој блог се подготвуваат брзо, лесно, прилагодени се за сечиј паричник и најважно од се е што овозможуваат да се чуствувате во форма. 
Дитетска исхрана значи да се јаде храна со малку мрсно и малку шеќери. Така би се избегнало можното оштетување на  здравјето заради недостаток од хранливи елементи кои се неопходни за да бидеме енергични во извршувањето на секојдневните активности. Нема ниедна хранлива материја што ги содржи сите супстанциии потребни за нашата добра, општа здравствена состојба. Значи, според Медитеранската диета, базично правило за една коректна исхрана би било:  ДА СЕ ЈАДЕ ОД СЕ ПО МАЛКУ! Јас се придржувам кон оваа девиза и ја советувам секому да ја практикува.

Со оглед дека во овие зимски денови владее ИНФЛУЕНЦА (грип) која од мојот дом веќе е на заминување, диетските рецепти сепак морав да ги прилагодам на ваквата ургентна ситуација. Така, за неделниот ручек од пред некој ден подготвив свинска кременадла со сос направен од микс на паприка (македонски истолчен или мелен црвен пипер) и толчено луто пиперче и чешниња од лук. Навидум ова јадење не изгледа баш диетално но, такво го прави техниката со која е зготвено.
За 2 лица потребни се следните состојки:

- 2 свински кременадли
- 4 чешниња лук
- 1 л-ца масло
- ½ чаша бело вино
- сол
- ½ л-че паприка(црвен пипер)
- луто суво истолчено пиперче

Подготовка:
Во тефлонска тава со масло на „тивок оган“ се пржат до вцрвување, чешнињата од лук. Веднаш во маслото се ставаат и кременадлите и од страна се додава и виното. По испарувањето на алкохолот се истура уште малу млака вода во која се измешува паприката и лутото пиперче во прав. Се регулира со сол според вкус. Тавата се покрива со капак и се остава околу 50 мин на тивок оган да се вари (динста) се додека не испари водата. Резултатот ќе биде формираниот црвен сос.
Како прилог на ова „секондо„ јадење направив голема чинија со свежа салата која тука ја има и во зима а, вие понудите  кисела туршија, карактеристична за македонската кујна. Секако, за закрепнување на телото добро би дошло и малку црно вино! Добар апетит и на здравје!
Ваша Emily !

п.с. Бенефиции на лутото пиперче и лукот:
Луто пиперче: Има голем број на врсти на луто пиперче и сите ја содржат главната активна состојка КАПСИЧИНА, потоа различни соли, лецитин, есенцијално масло, флавоноиди и витамин Ц кој има најважна улога во одбраната од инферкции. Каписичина-та врши поголема секреција на дигестивните ензими, а тоа значи дека го стимулира подобро варењето на храната во желудникот. Истотака овозможува и поголема еластичност на крвните капилари.
Предупредување: Не треба да се јаде често и во поголема количина бидејќи има спротивен ефект.

Лукот ги има следните бенефиции: го стимулира функционирањето на имунитетот, помага во справувањето со бактерии, вируси и габи, го намалува крвниот притисок, ја прави крвта пофлуидна, добар е против запаленија, овозможува депурација на организмот, дури го покачува и сератонинот во мозокот кој помага во справувањето со стресот и депресијата.
Предупредување: И за лукот важи истото правило, т.е. не треба да се јаде често и во голема количина бидејќи има спротивен ефект.

19. 1. 2011.

Крем супа од праз и тиква / Zuppa di zucca e porri

                 Пред некој ден со еден  пријател дискутирав за тоа како во денешницава да се јаде квалитетно  кога се располага со малку време и со малку пари. Тој вели дека е неможно да се постигне рамнотежа меѓу овие две работи. Јас пак велам дека може ако се има желба и воља. Доволно ќе биде само да се земе и приготви тоа што природата обилно го дарува во текот на една сезона. Сезонскиот зеленчук и овошје се достапни на пазарите а, имаат и пристапни цени. Со нивното секојдневно користење јадеме подобро, помалку и го прочистуваме организмот. Консумирањето на зеленчук и овошје е базата на медитеранската диета со чии бенефиции добро сме запознати. Затоа, пријателот го поканив да го следи мојот блог и да се увери во можниот спој меѓу тенок паричник и малку слободно време за готвење.

Тип на јадење : Primo за 2-3 лица
Подготовка: 30 мин, економично
Состојки:
1 парче од тиква
2 компира
2 стека од праз
чешне лук
магдонос
масло
150 г грашок (посебно обарен)
спек или пршута (може но не мора)

Подготовка:
1. тиквата се лупи и сече на мали коцки
2. се чисти и ситно се сечка празот
3. се чисти и ситно сечка и лукот
4. Во длабок сад на тивок оган со 2 лажици масло се пржи празот, се додаваат и компирите исечени на мали коцки. Се добро се помешува и остава малку време да се испржи . Се додаваат и коцкичките од тиква. Се истура вода за да се покрие смесата, се зачинува по вкус со вегета во коцка или во прав и се вари 20 минути се додека состојките не се омакнат. На крај се поминува со блендерот и се додава обарениот грашок.
Крем супата се послужува топла со кростини од лепче (печено) и спек (пршута) исечен на ленти и испржен без масло во тефлонската тава. Магдоносот може да се стави во варењето (како мене) или исечкан да се пороси во чинијата при служењето на супата.


П.С. И ова "primo" јадење е претставник на медитеранската исхрана  и одлично се совпаѓа со мојата диета за губење на неколку килограми. Тиквата е зеленчук кој содржи вода и многу растителни влакна и следствено има многу малку калории. Препорачувам супата да се јаде за вечера, топла зашто згрева и заситува во долгите зимски вечери. Добар апетит!!!
Инаку, јас за вечера ќе правам КАЈГАНА од јајца со компири и брокула а, рецептот ќе го објавам утре.