4. 4. 2010.





Паста ала џеновезе
(Pasta alla genovese)


Овој специјалитет е типичен за регионот Лигурија, а уште повеке за Џенова. Како тестенина (pasta) се употребуваат т.н. лигуриски трофии / trofie liguri т.е. куса вртена паста или пак тренете / trenette кои имаат форма на сплескани шпагети. Пастата се вари на вообичаен начин (објаснетo во еден од моите постови) и се меша со сосот наречен Pesto genovese, а можат да се додадат и парчиња варен компир и зелена боранија.
Се подготвува многу лесно и брзо ако имате веке подготвено или купено песто џеновезе. Доколку немате песто тоа се прави на следниот начин:
Се земаат јадри листови од босилок/basilico (за оргиналното песто се употребува босилок од ПРА, локалитет во западниот дел на Џенова) кои се толчат во специјален сад - каленик / mortaio од мермер со малку јадра морска сол , неколку чешлиња лук/aglio, пиноли (плодови од морски бор) / pinoli. На оваа истолчена смеса се додава изрендан кашкавал Пармезан / Parmigiano и Pecorino /Пекорино како и лигуриско Маслиново масло /Olio di Oliva ligure и потоа сé добро се измешува. Верувајте дека овој зелен сос, познат во светот како Песто / Pesto е највкусното нешто што сум го пробала во животот.
Kупеното песто од продавница, за жал го нема истиот вкус на домашното или пестото направено од занаетчија. Но, во недостаток од оригиналното секако дека и тоа може да се употреби за подготовка на овој специјалитет.

П.С. Чинијава со специјалитетот Паста ала џеновезе од горе објавените фотографии е мое дело. Ова јадење е претставник на италијанските прими пјати / Primi piatti italiani и е синтеза на т.н. Медитеранска диета, препорачана како начин на исхрана од светските нутриционисти. Се состои од: јагленохидрати (паста), зеленчук и мешунки (босилок и боранија) протеини (два типа кашкавал) и вегетално масло од маслинки. Ги има сите состојки на еден здрав и лесно дигестивен оброк. За пиење се советува чаша бело вино или чаша ладно пиво. Добар апетит и наздравје!

Нема коментара: