9. 4. 2010.

Ризото италијано

Ризото со суви печурки вргањ /Risotto con funghi porcini secchi
Денеска е петок, денот кога обично јадам посна храна зготвена со масло, зеленчук, риба, мешункасти растенија. Не сум посебно посветена на верските обичаи, но јадењето на посна храна барем еден ден во неделата е добра навика, посебно кога не си повеќе во цветот на младоста ( периодот кој следи по 30-от роденден). Затоа обично за ручек правам ризото или паста на посен начин.
Како се прави италијанското ризото?
Многу лесно и едноставно во зависност од состојките кои се употребуваат за дадениот рецепт. За една порција од овој рецепт со сушени печурки се потребни:
- ориз ( 70/80 г. )
- суви печурки „вргањ„ / funghi porcini ( 10 г. )
- 1 мала главица кромид
- 1 л-ца сушен зеленчук во прав или коцка од типот вегета
- 500 / 600 цл. вода
- 1 л-ца масло (по можност маслиново)
- магдонос с.в.
- сол и црн бибер с.в. (с.в. значи: според вкус)
Се започнува со ставање на сушените печурки во топла вода да си ја повратат свежината. Се продолжува со ситнење на кромидот и негово пржење во тефлонско тавче или тенџере (кое не дозволува да загори).
Кога кромидот ќе добие стаклест изглед се додава оризот мешувајќи го со пржениот кромид (околу 1 минута). Веднаш потоа се додава варената чорба од сушен зеленчук со која се покрива оризот и се остава да се вари на тивок оган околу 20/25 мин.
Во текот на варењето потребно е да се додава помалку од останатата чорба но, без претерано мешање. Се советува оризот во текот на варењето да не се меша за да не се искршат зрната.
На 10-тина минути пред крајот од варењето се ставаат да се варат и освежените суви печурки (ако се големи се сецкаат на помали парчиња). Кога оризот е варен ( се проба за да се утврди) се остава настрана неколку минути за да си ја впие целосно течноста и се додава рендано пармиџано/пармезан. Јас, заради постот во петок наместо пармезан ставам сечкан магдонос кој му дава одличен мирис и вкус на ризотото.
Пијачката која го придружува моето ризото е чаша ладно пиво или половина чаша бело или розе вино. Добар апетит!

Нема коментара: