20. 4. 2010.

SPAGHETATTA CON CARCIOFI/ ШПАГЕТИ СО АРТИЧОКИ
Ова се два претставника на зеленчук многу популарен во Италија, вкусен и корисен за здравјето, а се викаат CARCIOFI / КАРЧОФИ = АРТИЧОКИ. Преводот АРТИЧОКА е земен од англискиот јазик, бидејќи кај нас овој зеленчук со зелено-виолетова боја не се одгледува и не е познат на нашата популација.
Артичоката е вкусна и е одличен депуратор на црниот дроб. Tоа што ја прави артичоката помалку омилена се
боцките на врвот од листовите и на стеблото, а има и т.н. брада или влакна во средината т.е. во срцевината. Постојат и артичоки без боцки. Тие имаат позаоблена форма и се со позелена боја. Артичоките се одгледуваат во регионите на северо-западна и средна Италија. Тие можат да се јадат во свежа состојба, зачинети само со маслиново масло, но само ако се млади и кревки. Со нив се подготвуваат најразлични рецепти: можат да се пржат во масло, да се варат во ризото, да се употребат како состојка во сосови за паста, да се конзервираат со масло или во саламура итн. Чистењето на артичоките може да биде комплицирана работа но, со совети и малку практика и тоа лесно се совладува.



Исчистените и исечени на парчиња артичоки се стават да стојат во вода со цеден сок од лимон. На ваков начин артичоките помалку потемнуваат при допирот со кислородот во воздухот.
Има многу јадења со артичоки кои се подготвуваат во Италија но, ова што го зготвив јас е резултат на мојата креативност и на потребата да јадам едноставни, вкусни и брзо зготвени јадења. Јадењата што ги правам не ги нарекувам специјалитети зашто нив ги подготвуваат само врвните мајстори на кулинарскиот занает, готвачите кои во Италија се викаат CHEF / ШЕФ. Големите мајстори на овој занает кој што во Италија во периодот на 70-те и 80-те години од 20 век доби епитет на уметност, базата за специјалитети ја најдоа во автентичната кујна од 20-те региони на Италија. Нивните специјалитети се одраз на традиционалната и богата италијанска кујна која што е непресушна инспирација на сите готвачи во Италија и светот. Јас сум новинарка, страсно заљубена во италијанската кујна и еногастрономија и сакам многу да експериментирам во мојата кујна. Затоа сега ви предлагам да го направите овој мој специјалитет. Потребни состојки за две лица:

- 4 артичоки
- 2 чешниња лук
- 2 л-ци масло од маслинки
- ситно сечен магдонос за декорација
- 140 г. шпагети

- шафран ( зачин со жолта боја, на италијански е zaferano)

Во тава со 2 л-ци маслиново масло добро се вцрвуваат 2 чешниња од лук. Се додаваат ситно исечени листови од артичоки. Се пржат постојано мешајќи со лажица (дрвена ако тавата е тефлон) се додека не добијат потемна боја.

Се додава пола чаша квалитетно бело вино (истото што се пие во текот на оброкот). Се остава да испари алкохолот и да се вари неколку минути, по што пржените артичоки добиваат потемна боја. Се зема малку прав од шафран растворен во топла вода ( во мала шољичка за кафе). Се додава во тавата и се меша се додека не испари. Златната боја што ја добиваат артичоките на крајот од подготовката е од шафранот, односно овој зачин им дава златно-жолта боја на јадењата.


Во тенџере со зовриена и посолена вода (1:1) се варат шпагетите според прикажаното време од конфекцијата на пастата. Кога се варени се додаваат во тавата со пржените артичоки и добро се измешуваат.




Во тавата или ако преферирате повеќе во чинијата како декорација се додава сечканиот магдонос.

Нема коментара: