6. 8. 2010.

Паста ала Норма (онаа на Винченцо Белини)


Ја започнувам летната сесија од блогов (после бааги долга пауза) со претставување на еден фамозен италијански специјалитет што го научив од еден млад италијански готвач Алесандро ......  Овој специјалитет е посветен на операта Норма од Винченцо Белини.
„Паста ала Норма„ се подготвува со типични медитерански намирници: модер патлиџан, домати, босилок, лукче, маслиново масло, масло од сончоглед и тврда солена рикота (урда).
Италијанците го служат како Примо пјато ди паста (Прво јадење) на кое според традиционалниот начин на служење на еден типичен италијански ручек му претходи Антипасто (Предјадење) со рибни или сувомеснати производи со топло лепче или вкусни грисини, крекери или некои други производи од печено тесто. По антипасто следи Главното јадење (Секондо) подготвено со риба или месо и придружено со Конторно (Прилог од зеленчук), после него италијански Десерт (Долче) и на крај Еспресо кафе: корто, лунго, макијато итн.  Така некако е редоследот на јадења кај типичниот италијански ручек или вечера послужена во ресторан или во некој дом. Но, да се задржам на денешното Примо пјато: „Паста Ала Норма„ со пакери.

 За 4 лица потребни ви се следниве состојки:
  • 2 големи модри патлиџани
  • 6-8 домати средна големина или 12-тина помали
  • 4 чешниња лукче
  • една рака ливчиња свеж босилок (од оној крупниот)
  • масло од сончоглед за пржење
  • 4 л-ци маслиново масло
  • тврда солена рикота (урда)
  • пакери (јадра куса паста) 
Модрите патлиџани ги сечеме на парчиња / фети со дебелина од 1 цм, ги пржиме во масло од сончоглед и ги ставаме на хартија да се исцеди вишокот од впиеното масло .
Во големо тенџере се става да зоврие поголема количина на вода со сол (за соодносот вода : сол : паста пишував во еден од првите постови). Значи пакери-те се варат Ал денте (т.е. да не се преварат).
Додека се вари пастата, во тава со маслиново масло се вцрвуваат без да изгорат чешнињата лукче, се додаваат босилокот искинат со прсти и исчистените од лушпата домати, исечени на парчиња. Се регулира со сол, малку црн пипер и малку шеќер и се вари на среден оган 10-тина минути. Ако доматите се македонски, добро созреани нема да има потреба од додавање шеќер.
Кога течноста што ја пуштаат доматите ќе биде нецелосно извриена ги додаваме пржените модри патлиџани, но претходно оставајќи неколку од нив што ќе ги употребиме за сервирање во чинијата. Промешуваме, пробаме дали е доволно вкусно или има потреба од додавање на некој од зачините и го оставаме на огнот неколку минути. Потоа, во тавата ги ставаме варените пакери, добро промешуваме, рендаме на ренде тврда рикота и повторно промешуваме.
Сервираме во чинијата на која ставаме неколку фети пржени модри патлиџани, врз нив со лажица вадиме од тавата и декоративно ја обликуваме порцијата од „ Паста ала Норма„  додавајќи рендана рикота и свежи ливчиња од босилок.

з.н.а.:Рикота-та може да се замени со македонско тврдо овчко сирење.
        

 

Нема коментара: