1. 9. 2010.

Cuori di panna cotta = Срца од Од Варена Пана

            Од денеска почнува нов месец во годината, септември! Убав е овој месец. Пеколните жештини ги нема, сонцето е со послаб интензитет и пријатно е да се поминуваат неколку часа на отворено, под убавото светло сино небо на Џенова. Мене поголемиот дел од денот ми минува во затворено (работни и домашни обврски) и не ми останува многу време за излегување и скитање по убавите квартови на надментата дама. Но, кога имам можност користам и шетам сама, со некоја пријателка, со Алб (најчесто во негово друштво). Секое излегување е ново доживување за очите и духот, но и за непцето прилика да проба нов солен или сладок вкус. Пред некој ден, бев во центарот на Џенова и свратив во една слаткарница = Pasticeria Antica на кафе и колаче! Но, место колаче јадев благце со лажиче, или кремче (како оноа од слаткарницата на Лалата ... нема жител на Велес што нема јадено од кремчето на Лалата). Но, ова кремче имаше нов вкус и изглед. Италијанска работа!...Беше направен од едноставни продукти и креативна декорација со италијански стил!!! Срце од  Варена Свежа Павлака = Cuore di Panna Cotta. Свежата павлака е млечен продукт (не знам дали некој во Македонија произведува Свежа Павлака ???!!!), многу употребуван во Италија за правење на кремови и шлагови. Овој крем од свежа, но варена павлака „Пана Кота„ е вистински италијански слаткарски специјалитет со тапија од ЕУ. 
Значи за денес ви го предложувам рецептот: „Panna Cotta„ = Пана Кота. Јас го пронајдов оригиналниот рецепт по италијанските сајтови на интернет, дома го направив и вака течеше неговата подготовка.
За 4 мали срца потребни ви се:
  • 250 мл Свежа Павлака
  • шеќер од око  
  • 1 стека од ванила
  • желатин
  • модли во форма на срце
Прво во чаша со малку вода (според упатството за правење на Желатин) се измешува прашокот од кофекцијата на желатин. Во тенџере на тивок оган се вари павлаката, шеќерот (пробајте дали ви е доволно благо) и зрнцата што излегуваат од пресечента стека од ванила. Се меша постојано се додека не почуствувате дека е  малку згуснато. Потоа во него се става стопениот желатин (може да биде и во форма на желатински листови), се меша и се истура во модлите со форма на срце. Се остава да се изладат и потоа се ставаат во фрижидер се до нивното послужување.
Срцата се служат засебно во чинија за колачи, премачкани со конфетура (џем) или мармалад од шумски овошја, но може и било кој друг вкус што го сакате вие!
Ете, за кусо време добивате екстра десерт, вкусен, здрав и без голем број на калории. Овој десерт е на менито на многу ресторани и слаткарници во Италија. На здравје да ви е и Buon Apetito!


      
   
    

1 коментар:

Анониман је рекао...

И како ти се чини мисионарскава дејност, ширење на италијанската кујна по жална Македонија?

Се ми се чини дека треба да ја примениш методата на Јованка од Орлеан во борбата против бурекот, ќебапите и тулумбите!
Земај мачот, штитот и коњот и во крстоносна војна, нема друго чаре!
Се зависи од нивото на мотивација, нели!
:-)

peronakov

PS: Ce dojde li vreme da se pojaduva kroasan i kafe u Veles nekogas?