31. 1. 2011.

Чоколадна тортичка со меко срце

 Деновиве зимата си ги покажува забите, студи „кочан“ секаде во  Европа! И што има подобро од тоа во едно неделно зимско попладне да си бидеш дома, на топло со филџан кафе или чај и да јадеш  тазе десерт штотуку изваден од рерна?! Кога сум дома за време на викендите, имам обичај наследен од семејната традиција на моите родители да правам „благце„ за душа. Со оглед дека сум во фаза на губење на неколку килограми, десертот го прилагодив на мојата light исхрана: само еднаш неделно и во мала количина. Затоа, вчера направив десерт во „pocket„ издание! Едноставно,  употребив мали модли од силикон. Според нив, оваа чоколадна торта доби форма и име: „Чоколадно срце“! Многу лесно се прави но, потребно е да се обрне внимание при печењето.

Состојки за 6 мали „мафин“ модли:

- 100 г темна чоколада со голем % на какао
- 100 г. путер
- 2 јајца
- 80 г шеќер
- 40 г брашно

Модлите се мачкаат со путер во тенок слој. На оган, во тенџере се топат чоколадата и путерот со неколку лажици вода. Оваа смеса се разладува со постојано мешање додавајќи и ги јајцата, шеќерот и брашното. Резултатот треба да биде хомоген чоколаден крем со кој се полнат модлите до половина од висината. Се печат во загреана рерна на 200°C околу 10 минути, додека не се забележат првите пукнатини на површината. Нема да бидат недопечени напротив, внатре ќе бидат меки и со скоро течна чоколада во средината. Се служат веднаш придружени со топол чај, кафе, ликер, чаша вино....

п.с. Внимавајте, додека да се завртите се готови. Моите чоколадни срца  немаа течен чоколаден крем во средината бидејќи ги послужив со чаша зелен чај. Ги печев во рерна точно 15 минути. За да се добие течна чоколадна средина се пече само 10 минути.
Толку за денеска. Ова меко срце од чоколадо е створено да биде десерт при една романтична вечера...а, зошто да не биде и слатко изненадување на саканиот/ната за Сан Валентин?!
Срдечно, ваша Емили.

Нема коментара: