4. 3. 2011.

Кајгана со компир и зеленчук „Ала италиана“

Една недела помина отткако се хранам со Light јадења „alla italiana“ и го практикувам сопствениот рецепт за слабеење. Верувале или не ... но, веќе изгубив половина килограм. Воопшто не гладувам и сосем нормално ги изведувам секојдневните активности.
Нема магија во мојот рецепт а, тој е следниот:
- јадам помалку (20 % помал внес на калории)
- го прочистувам организмот со пиење вода (по 2 л во 24 часа)
- избегнувам стрвост
- имам поголема физичка активност (3 пати неделно пливам или секојдневно пешачам по 1/2 час, со брз чеко ).
Сепак, има една мала тајна за успех а, таа е да имаш поддршка и солидарност од домашните. За срека со мене се солидализираат и ги јадат моите light готварии. На овој начин сум максимално мотивирана тие да бидат вкусни, да имаат убава арома и да бидат привлечни за око.
Еве го денешниот Light рецепт:

КАЈГАНА СО КОМПИР И ЗЕЛЕНЧУК „АЛА ИТАЛИЈАНА“
Состојки за 2 лица:

- 3 или 4 јајца (во зависност од нивната големина)
- 400 г компири
- 3 л-ци пармиџано (ситно рендан пармезан или др.вид на потврд кашкавал)
- ½ лажица масло (само ако тавата е тефлон)
- сол, рузмарин и мајчина душичка
- зеленчук по желба (претходно сварен)

Компирите се чистат и сечат на тркала со дебелина од половина центиметар. Се загрева рерната на 200°C. Јајцата се матат како за кајгана и во нив се додава малку сол, сушен рузмарин и мајчина душичка. Тефлонската тава се мачка со масло. Ако се употреби друга тава, советувам да се обложи со хартија за печење. Се редат компирите и врз нив се поросува ренданото пармиџано, потоа се реди втор слој од компири и повторно се поросува пармиџано. Се реди обарениот зеленчук и се истураат изматените јајца внимавајќи да се потполнат празнините меѓу круговите од компири. Тавата се става во загреана рерна на 200°C, околу 10 минути а, потоа температурата се намалува на 170°C. Но, секоја домакинка ја познава рерната од својот шпорет и затоа сама треба да ја регулира температура. Се пече уште 20 до 25 минути. Кајганата се јаде топла а, како прилог се послужува и салата.
За оброкот да биде комплетен според Медитеранската диета треба е да се додадат уште 30 г интегрален леб (печен во сеуште топлата рерна или во тостер).





























1 коментар:

Анониман је рекао...

Mnogu ubavi recept za tie sto sakaat da simnat kila bez maka i na zdrav nacin