13. 9. 2010.

РОДЕНДЕНСКИ CHEESE CAKE или CHEESE CAKE di COMPLEANNO

           Пред некој ден правев роденденска торта со овошје и рикота (не солена урда). Во слаткарството секоја торта правена со некакво меко, несолено сирење се  нарекува Сheese Сake. Овој тип торта е идеална за в лето, наместо да се  пече се остава во фрижидер најмалку 24 часа. 
Мојата торта беше: CHEESE CAKE con PESCHE(песке) / со ПРАСКИ. Ова типично летно овошје со убав мирис и сладок вкус е омилено на оној за кој што ја правев оваа малку комплицирана торта. Но, вредеше сиот вложен труд... крајниот резултат беше успешен и изеден со голем апетит!:) 
Но, да одам со ред. Урда или на италијански: Ricotta, во Италија се нуди во две форми: свежа / frescha (несолена и кремаста) и тврда рикота со сол, оттстоена некое време во специјални технички услови и позната како сезонска солена урда / Ricotta stagionata. Мислам дека овие производствени техники во Македонија не се познати и затоа на македонскиот пазар наогаме само мека солена урда.
Рикота и Свежа Павлака / Panna fresca се употрбуваат многу во италијанското слаткарство. Тие се деривати на млекото и содржат помалку калории за разлика од некои други деривати како на пример путер, маскарпоне, крем павлака итн.
Зa мојата торта: Cheese Cake со праски потребни се следниве состојки:
  • 600 г. кремаста несолена урда / рикота
  • 4 големи, меки Савојарди или 8 мали пишкоти
  • 600 г. праски (потврди)
  • 150 г. шеќер (поситен)
  • 4 јајца (собна температура)
  • 1,2 дл млеко
  • 2 дл свежа павлака
  • 15 г желатин
  • 1 не прскан лимон

Дел од потребните состојки
Процедура:
1) Во ладна вода го ставате  желатинот. Обложете со најлонска фолија едно подлабоко тавче со d=16 cm  и на дното (што позбиено) наредете ги савојардите или пишкотите.
Измијте ги праските, исечете ги на мали парчиња и ставете ги во врела вода што врие на оган околу 1 минута. Се исцедуваат и сушат со крпа и половината од нив се распоредуваат врз базата  од  савојарди (пишкоти).
2) Низ сито ја поминуваме рикотата или урдата за да биде уште по кремаста и ја оставаме да падне директно во длабока чинија, ја додавате и ренданата кора од лимон.
3) Во друг сад матите 4 жолчки со 100 г шеќер се додека не добиете светла и пенеста смеса во која истурате во тенок млаз смалчено млеко и овој сад ( советувам да биде со рачка) го ставате во тенџере со вода што врие. Така го варите со постојано мешање околу 10 минути, се додека со лажицата не осетите дека е малку згуснат. Го тргнувате од врелата вода и во него додавате 80% од растопениот желатин со мешање до комплетно растопување и оставате оваа смеса  да се излади. Кога е ладна ја додавате во рикотата со измешаниот лимон и добро измешувате. 
Во сад (претходно оставен 15 минути во замрзнувач заедно со маталките од миксерот) ја ставате свежата слатка павлака и постепено ја зголемувате брзината од миксерот и матите до згуснување. Добро згуснатата свежа павлака многу деликатно ја измешувате со претходната смеса од рикота. Во друг длабок сад ги матите белките со прстофат сол  до згуснување, така што кога ќе го превртите садот ништо да не излезе од него, а ова важи и за изматената свежа павлака.                  







На претходната смеса ги додавате и изматените како снег белки и мешате многу внимателно (од горе надолу) со лажицата  и кога се добро измешани и и компактни го добивате филот за оваа торта. Го ставате врз праските, ја израмнувате површината и ја ставате тортата во фрижидер (најмалку 12 часа). 
4) Во меѓувреме останатите парчиња од праските заедно со останатиот шеќер (20 г) и сокот од половина лимон се вари околу 20 минути на оган, се додека не се добие еден вид џем. Во него го ставате останатиот дел од  желатинот, мешате и го оставате комплетно да се излади. Потоа се  мачка врз тортата ( по изминатите 12 часа) и повторно ја ставате во фрижидер (да стои барем уште 2 часа). 
    
Овој Cheese cake, освен што е вистинска делиција поради вкусот и аромата има и релативно малку калории. Во едно големо парче торта има 400 kcal . Верувајте ми дека нема да зажалите за  вложениот труд и време во подготовката на оваа прекрасна торта. На здравје и Buon appetito!!! Ciaooooo до следното читање, почитувани пријатели!!!                                                                            

Нема коментара: