17. 1. 2011.

Стек од пилешко месо и прилог од моркови

                  Деновиве во италијанскиве весници и пo интернет сајтовите читам, дека италијанците во просек покачиле од 2-4 кг во текот на изминатите празници. Јас не сум италијанка, но подготвувам и јадам јадења од италијанската кујна значи, ... нема бегање! Не е лесно да се изгубат килограми но, се вели дека диетата најнапред започнува во умот. Јас ја донесов оддлуката и почнав да ги следам сопствените сознанија како да стигнам до саканата тежина. Мојот модел за губење неколку килограми е едноставен: "light" исхрана, повеке аеробично движење и пиење на многу вода ( природна или газирана). Всушност, мојата исхрана не е изменета, јас продолжувам да се хранам „ала италијана“ само е изменет квантитетот и калоричната вредност на намирниците кои ги употребувам. Значи, при еден оброк употребувам: јагленохидрати т.е. инегрален леб (50-60 г) или паста (50-60 г) од интегрално брашно, некогаш мешункасти производи заедно со паста, или оброк од бело месо (70 г), риба и рибни производи зготвени со едноставни техники и со малку растително масло, многу свеж и обарен зеленчук зачинет со лимон, малку масло, малку сол, медитерански зачини и овошје. Како застапник на медитеранскиот тип на исхрана, разбирливо дека и мојот диетески начин на готвење ке биде прилагоден на италијанската кујна. Продолжувам со постирање на light рецепти се додека не ја постигнам саканата тежина и физичка форма.
Вчерашниот неделен, прекрасен сончев ден го поминав надвор од домот се до зајдисонце. По обилниот „бранч“ густиран во еден бар и потрошен во повеќе часовното пешачење, за вечера направив Стек од пилешко месо со прилог од обарени моркови. Овој пат за зготвеното да биде вкусно но, со помалку калории наместо вино употрбив пиво. Рецептот е многу практичен: се прави брзо, вкусен е и не чини многу пари.

Состојки за 1 лице (за секое „+“ дозата се зголемува):

- 70 г. пилешки стек (за маж од 100 –120 г)
- 100 г сварени беби моркови (или обични, на парчиња исечени моркови)
- 200 цл /чаша пиво (за 2 лица дозата е иста)
- 1 лажица (л-ца) масло (по лице)
- брашно
- зачини: сол, кари

Стекот се сече на поситни парчиња или кој како го преферира, може ако е подебел претходно да се истенчи со посебна алатка. Потоа се валка во брашно измешано со малку кари зачин. Во тефлонска тава, добро се загрева маслото во кое се пржи месото до вцрвување од двете страни и се полева со пиво. Алкохолот веднаш испарува но, останува водата во која всушност (малку време) се вари месото. Резултатот е добивање на кремаста обвивка околу пилешките парчиња кои стануваат сочни и кревки. Во оваа крема се додаваат и обарените моркови. Вака подготвениот пилешки стек се служи веднаш, додека е топол. Добар апетит!!!


Напомена: За да успее диетата за слабеење мора да постои и физичка активност со која ќе се горат вишокот калории, акумулирани и депозитирани во наслагите на нашето тело. На пр. едночасовна гиманстика 3 пати неделно или получасовно пешачење со брз чекор секој ден. Може секоја прилика да се користи за да се направи мала физичка активност: качување на скалите наместо да се користи лифт, симнување од градски автобус неколку постојки пред целта, станување почесто од столот пред компјутерот итн.



Нема коментара: