14. 1. 2011.

CREMA di PORRI - КРЕМ СУПА од ПРАЗ

          Завршија сите празникувања на новогодишните и верски празници (католички и православни). Некако неизбежно и срамежливо се погледнувам во огледало и ... и ги забележувам наслагите за кои секојдневно, станувам свесна при закопчувањето на алишта. И сега, што да се прави?! Треба да се донесе тешка одлука,  дали да се ставам на диета за слабеење или има уште време до летоска ?!
             Со оглед дека живеам во земја каде изгледот има многу важна улога во сите сфери на италијанското општество (дури и кога одиш да правиш интервју за вработување те прашуваат каков е твојот однос со исхраната) и постојано сме бомбардирани со информации дека одвишокот килограми е штетен за здравјето, донесов оддлука уште од денеска да се ставам на посебен диетски режим. Многу е полесно да се симнат неколкуте килограми во тек на еден подолг временски период без гладување, без оштетувања на организмот и без невротични испади кои би можеле да се случат при хипогликемијата (паѓање на шеќерот). Изгладнување со цел да се ослабне за покус временски период не се препорачува од лекарите и нутриционистите. Секако, за да ги изгубиме килограмите потребно е и да имаме и малку поголема физичка активност, значи спортување за помладите и тие кои физички така се чуствуваат или барем повеќе пешачење за помрзливите млади луѓе и постарите лица.
Значи, се до постигнувањето на сакана тежина и телесна форма  моите рецепти ке бидат light,  но вкусни и за око и за јадење ! Денешниов рецепт е многу едноставен, без сомневање вкусен и се прави за кусо време. Претставник е на т.н. МЕДИТЕРАНСКА ДИЕТА (медитерански начин на исхрана).
Состојките за 4 лица се следните:

- 3 стеки праз
- 3 средни компири
- 1 коцка вегетален зачин
- 1/2 чаша млеко
- 2 л-ци масло
- зачини: црн бибер, шафран во прав 0,15 г
- магдонос (според вкус)

Празот добро се мие, чисти и се сече поситно на мали кругчиња. Компирите се лупат и сечат на помали квадратчиња. Во тава со масло на тивок оган се пржи празот. Потоа се додаваат компирите и се измешуваат со празот кој треба да има стаклест изглед. Во тавата се дотура 3/4 од литар вода, коцката зачин и се вари се додека состојките во тавата не се омекнат. Пожелно е на крајот од варењето да се стави шафранот кој е добар антиоксиданс а, дава и поубава жолта боја на крем супата. Но, доколку го немате ќе биде вкусна и без него. Се става и мелен црн бибер (според вкус) и се добро се измешува. Потоа со блендер се ситни варената смеса и се добива густа крема. На крајот се додава пола чаша млеко (постепено) и се остава уште неколку минути на тивок оган еt Voilà ( и Вуола) крем супата е готова!
п.с. За да имам комплетен оброк од: јагленохидрати + протеини +зеленчук, јас испеков лепчиња, „парче-залче“ со малку рендан пармезан (или кашкавал) врз нив во рерна на грил опцијата. Но, внимавајте многу... веднаш можат да изгорат! Според желба, може да се додаде и сечкан магдонос при служењето на крем супата.




       Добар апетит и чао чао до следниот пост!  Ваша Emily

Нема коментара: