10. 1. 2011.

БОЖИЌНА ЅВЕЗДА

Здрaво! Можеби помисливте дека исчезнав и дека нема повеќе да пишувам... но еве, тука сум повторно! Ви должам извинување за долгата пауза што ја направив и не објавив нови постови. Но, така понекогаш ми се случува период на затишје и медитација, проникнување во длабочините на моето его и размислување за моето постоење, гледано од аспект на постојаното мутирање на околностите во земјата каде што живеам.
Влеговме во Новата 2011 година веке 10 дена. Во Италија на 6 ти јануари со Св. Епифанија, заврши последниот верски празник посветен на испраќањето на старата година претставена како старица што лета на метла, наречена Бефана. Завршува една недела порано празникувањето на Новогодишната нок, на Божиќ, на Св. Стефан. Италијанската католичка црква го користи грегоријанскиот календар за одбележување на верските празници додека македонската го користи стариот, јулијански календар и старата Нова година се испраќа една недела подоцна. Јас славам двојни верски празници, значи мојот дом новогодишно е украсен се до 13 ти јануари.
Денешниот рецепт е еден од моите празнични десерти кои го подготвив за Исусовото раѓање а, го нареков БОЖИЌНА ЅВЕЗДА. Всушност, ви давам рецепт само за филот кој го подготвив за мојот ПАНДОРО (златнoто лепче), што всушност е еден вид слатко лепче со специфична форма и тешко се подготвува во домашни услови. Затоа, италијанската прехрамбена индустрија и слаткарниците нудат широк избор на ПАНДОРО и ПАНЕТОНЕ, присутни во италијанските домови при прославата на Божиќните и Новогодишните празници. Овие колачи се многу калорични, бидејќи базата за нивата подготовка се путерот, брашното и шеќерот. Затоа најчесто се јадат само со шеќер во прав и со нив се пие вино спуманте или попознато како шампањ (французите први го измислиле овој метод за добивање на пенливо вино), со кое се наздравува точно на полнок на 31 декември. Но, оние кои се пасионирани со кујната и го сакаат правењето на слатки, со додавање на свој магичен допир ги филуваат и украсуваат. Така се добиваат свечени десерти погодни за оваа прилика.
Филот кој јас го направив и употребив за мојата Божиќната Ѕвезда е многу едноставен.
Состојки:
- 200 г темна чоколада (фонденте, со над 70% какао)
- 2 дл свежа слатка павлака
- пандоро
На оган во сад со топла вода ставив друг помал сад со рачка каде се топи искршеното чоколадо заедно со свежата слатка павлака. Оваа техника е посебно корисна кога се прават некои видови на крем, бидејќи не дозволува смесата премногу да се загрее , односно се вари постепено на еднаква температура. Кремот се остава да се излади. Во друг поголем сад полн со коцки од мраз се става тенџерето со изладениот крем и со маталките од миксерот се мати до згуснување.
Пандоро-то се сече хоризонтално и секоја ѕвезда се мачка со чоколадниот крем кој има повеќе изглед на т.н. МУС. Потоа, ѕвездите ги редев една врз друга и ја добив Божиќната ѕвезда со изглед на мала елка и ја поросив со малку шеќер во прав. На врвот ставив украси прикладни за оваа прилика.


Како што читате и гледата во секоја прилика приготвувам нешто вкусно за јадење при што се обидувам да употребам состојки со помали калорични вредности.
Сепак, полесно е во периодот што следи да се симнат само неколкуте килограми ставени во текот на зимските празници. Јас, воопшто не гладувам за да се вратам во форма, туку преку посебен и едноставен режим на исхрана, со вистински избор од продукти зготвени со едностана техника и со малку повеќе движење од типот брзо одење, пливање и лесни физички вежби успевам за неколку месеци да ги симнам оние неколку килца наталожени преку зимата на критичните делови од телото.

Нема коментара: