19. 1. 2011.

Крем супа од праз и тиква / Zuppa di zucca e porri

                 Пред некој ден со еден  пријател дискутирав за тоа како во денешницава да се јаде квалитетно  кога се располага со малку време и со малку пари. Тој вели дека е неможно да се постигне рамнотежа меѓу овие две работи. Јас пак велам дека може ако се има желба и воља. Доволно ќе биде само да се земе и приготви тоа што природата обилно го дарува во текот на една сезона. Сезонскиот зеленчук и овошје се достапни на пазарите а, имаат и пристапни цени. Со нивното секојдневно користење јадеме подобро, помалку и го прочистуваме организмот. Консумирањето на зеленчук и овошје е базата на медитеранската диета со чии бенефиции добро сме запознати. Затоа, пријателот го поканив да го следи мојот блог и да се увери во можниот спој меѓу тенок паричник и малку слободно време за готвење.

Тип на јадење : Primo за 2-3 лица
Подготовка: 30 мин, економично
Состојки:
1 парче од тиква
2 компира
2 стека од праз
чешне лук
магдонос
масло
150 г грашок (посебно обарен)
спек или пршута (може но не мора)

Подготовка:
1. тиквата се лупи и сече на мали коцки
2. се чисти и ситно се сечка празот
3. се чисти и ситно сечка и лукот
4. Во длабок сад на тивок оган со 2 лажици масло се пржи празот, се додаваат и компирите исечени на мали коцки. Се добро се помешува и остава малку време да се испржи . Се додаваат и коцкичките од тиква. Се истура вода за да се покрие смесата, се зачинува по вкус со вегета во коцка или во прав и се вари 20 минути се додека состојките не се омакнат. На крај се поминува со блендерот и се додава обарениот грашок.
Крем супата се послужува топла со кростини од лепче (печено) и спек (пршута) исечен на ленти и испржен без масло во тефлонската тава. Магдоносот може да се стави во варењето (како мене) или исечкан да се пороси во чинијата при служењето на супата.


П.С. И ова "primo" јадење е претставник на медитеранската исхрана  и одлично се совпаѓа со мојата диета за губење на неколку килограми. Тиквата е зеленчук кој содржи вода и многу растителни влакна и следствено има многу малку калории. Препорачувам супата да се јаде за вечера, топла зашто згрева и заситува во долгите зимски вечери. Добар апетит!!!
Инаку, јас за вечера ќе правам КАЈГАНА од јајца со компири и брокула а, рецептот ќе го објавам утре.

Нема коментара: