15. 3. 2011.

Солена торта со спанаќ како варијанта на македонски зелник со спанаќ


Основно правило во готвењето на храна е што побрзо да се користат намирниците кои сме ги пазарувале. Има производи кои можат да стојат подолго време и да не се консумираат до некој одреден датум. Но, има и такви како: зеленчукот, урдата, некои свежи меки сирења итн. кои немаат долг рок на трајност. Ете, кога имам такви намирници јас правам „Италијанска солена торта“ (Torta salata) , која впрочем е еден вид македонски зелник или сукана пита, исполнета со фил од различни видови на сезонски зеленчук.
Постојат стотици рецепти за солена торта и крајниот резултат секогаш зависи од фантазијата на тој што ги подготвува.
За оваа торта јас користам лиснато тесто, понудено од италијанската прехрамбена индустрија како одлична алтернатива за дома направеното. Овие солени торти се секогаш практични. Во зима се јадат топли но, можат да се консумираат и во лето ладни или на собна температура. Припаѓаат на групата т.н. „Antipasti“ (предјадење) а, може да се послужи и како Секондо (главно јадење), бидејки јајцата се протеини и се одлична замена за месо или риба.
Најчесто, во зима правам солена торта со спанаќ или блитва, кромид или праз и сл. зеленчук.

Состојки за 4 лица:
- 250 г лиснато тесто
- 600 г спанак (блитва)
- 400 г.урда
- 2 јајца
- 1 стек од праз (или 2 главици кромид)
- 3 л-ци масло (се препорачува маслиново)
- мускатно оревче
- сол, црн бибер
1. Спанаќот се чисти, мие и сече поситно. Се става во тефлонска тава на тивок оган да се вари со водата што ја има на себе од миењето и се покрива со капак.
2. Празот се чисти, мие, поситно сече и се пржи на тивок оган во масло. Отткако ке добие стаклест изглед му се додава многу малку вода и се вари до омекнување и испарување на водата. Потоа се додава сварениот и исцеден спанаќ и на посилен оган добро се измешува за да добие вкус. Се остава оваа смеса добро да се излади.
3. Италијанската урда (рикота)се разликува од македонската според технологијата на обработка. Таа е фино ситна и има изглед на крема, не е солена и се позајмува многу во подготовката на солени или благи јадења. Затоа, мој предлог е на македонска урда да додадете помрсно кисело млеко или крем сирење за мачкање за да ја направите помрсна и кремаста. Во урдата се додаваат 1 јајце + белката од второто, се мешаат и на крај се додава правот од мускатното оревче и сол (регулирајте според сопствен вкус). Тука се додава изладениот спанаќ, добро се мешаат до добивање на една хомогена смеса или фил.
4. Лиснатото тесто се одвиткува од конфекцијата и се постила врз тавата со d = 24 см (претходно обложена со хартија за печење). На површината на лиснатото тесто се прават дупчиња со вилушката. Се истура филот, се обликува но, без поголемо притискање. Со разматената жолчка од јајцето се мачкаат со четкичка краевите од тестото по ивицата на тортата а, остатокот се истура во тенок млаз по површината на филот. Се става да се пече во загреана рерна на 180°C околу 40 минути. Извесно време се лади и може да се послужи топла или ладна.





Нема коментара: