3. 4. 2011.

Торта од лимон со „crenbarries“ (црвени боровинки)


Eтe ... сабота навечер и јас пак сум сама дома. Еднаш неделно, петок или сабота навечер можам да бидам апсолутен господар на домашниот простор! Нерасположението тропа на врата?! Неее ... знаете ли зошто?! Дај... знам дека претпоставувате! Се разбира, го исполнувам просторот со подготвување на слатко изненадување за мојот љубен. Секој пат кога тој се враќа дома (следниот ден), знаејќи како стојат работите, само со љубопитен поглед ме погледнува мило и ми се насмевнува! Би рекла дека за него ова веќе не е зненадување, туку е потврдување на мојата грижа и љубов и тоа многу му се допаѓа. Убаво е да се дава сигурност на луѓето што ги сакаме. Така се чувствуваат безбедни, заштитени, галени ... а, оваа сигурност е уште повеќе посебна поради тоа што е вкусна и мирисна.
Вечерва направив едноставна торта со арома и вкус на лимон. Миризот на јужните ароматични овошја ни се допаѓа на двајцата! Сега, додека го пишувам овој пост го чувствувам миризот на лимон кој доаѓа од рерната ... ммм .... прекрасно!  Оваа торта многу лесно се подготвува, испробана е и тестирана лично од мене! Знам дека има илјада рецепти за торта со арома на лимон, но еве ви го и мојот!
Состојки:
3 јајца
1 чаша природен јогурт
3 чаши брашно
2 чаши шеќер
1 чаша сончогледово масло
1 лимон (рендана кора и сок )
малку сол (прстофат)
1 кесеичка прашок за пециво

Во два длабоки сада за матење се одвојуваат белките од жолчките. Белките се матат како снег а, во садот со жолчките ги додавате сите други состојки, нежно мешајќи со маталката. Потоа се додава и снегот од белките, секогаш мешајќи деликатно и се истура во тава со d = 26 цм, претходно подмачкана и набрашнета. Се пече во претходно загреана рерна на 160°C, околу еден час. Кoга е добро изладена можете да ја украсите со желе од лимон или шеќер во прав. Во алтернатива можете да направите како мене, да ја премачкате со глазура од лимон: шеќер во прав и сок од лимон. Од дозите што ги употрбив (од око) ми излезе малку глазура, затоа тортата дополнително ја посеав и со шеќер во прав. Имајќи дома црвени американски боровинки ставив еден рака и од нив како декорација. Тортата е готова да се јаде отткако глазурата ќе стане сува и тврда.
п.с. Како мерка се употребува чашата од јогурт што ќе го ставите во тортата.
До следниот рецепт, со многу симпатии!

Нема коментара: